Народната банка на Македонија деновиве ја одзеде лиценцата за работа на првиот генерален директор на Поштенска банка – Скопје, Коле Смилевски и неговата заменичка – вториот генерален директор, Бисерка Митревска. До изборот на новите директори со банката ќе раководи лице од Централната банка. Ова за “Вечер” го тврдат банкарските извори кои потенцираат дека гувернерот Гошев ваквиот чекор го повлекол непосредно пред Новата година. Дека на двајцата први луѓе на Банката им се одземени лиценците, вчера потврдија и извори од Народната банка на Македонија. Неофицијално, лиценцата е одземена од причина што Смилевски и Митревска не се придржувале кон супервизорските стандарди за работа на Банка. Тоа велат наши извори, во ниту еден случај не значи дека се работи за криминал, туку само за лошо менаџирање со парите. Околу смената на првите луѓе на Банката има и други шпекулации од кои според едни, целата работа ја повлекол директорот на Македонска пошта, Таип Јакупи, кој до Народната банка на Македонија сигнализирал дека “Поштенска банка” давала кредити под исклучително поволни услови на фирми блиски на менаџментот на Поштенска, односно високи износи на средства со ниска камата. Ова бил поводот супервизорите од НБРМ да извршат детаљно снимање на работењето на Банката по што гувернерот и ја изрекол мерката за одземање на дозволата за работа. Притоа, шпекулациите одат дотаму дека Јакупи, наводно, одамна се намерачил на Поштенска банка, во која Македонска пошта има една третина од капиталот, со цел на нејзино чело да постави свој човек и да ја направи банката во која доминантен би бил капиталот на албанските компании, или, пак, со таквата смена да добие сигурен “грб” за реализиација на неговата веќе најавена идеја Поштата да стане втор фиксен оператор. Меѓутоа, покрај овие, има и шпекулации дека барањето за смена на Смилевски и Митревска е старо две години и е “резултат” на направената трансформација со која Банката, од целосно во државна сопственост, стана приватна, а државата остана со “куси” ракави. Имено, во Поштенска банка денес, по една третина од сопственоста, покрај Пошта, имаат и НОЕЛ ДОО од Гевгелија и “Европа 92” од Кочани. Инаку, од Централната банка потенцираат дека банката има пари, дека е перманентно ликвидна и дека се работи само за смена на кормилото што значи дека нема никакво влијание врз нејзиното натамошно работење во однос на нејзините коминтенти. .


Зденка ПАВКОВИЌ