На Јонуз му беа малку и три гола
Еш – Алзет. – Стадион де ла Фронтиер. Играно под рефлектори. Гледачи 625. Судија: Алексеј Кумбаков. Стрелци: Бајрами во 20, Шиков во 49 и Неџипи во 70 минита. ЛУКСЕМБУРГ: Дидерих, Де Соуса, Кинцифер, Шнел, Ленен (Колет), Хофман, Муч, Муховиќ (Бинсфелд), Јоаким, Китене, Милак (Саграмола). МАКЕДОНИЈА: Маџовски, Тодоровски (Костовски), Шиков, Селими, Попов (Неџипи), Османи, Бајрами, Митрев, Брњарчевски, Тричковски, Савиќ (Тонев).
Младата фудбалска репрезентација на Македонија (играчи до 21 г.) практично го обезбеди своето учество во квалификациите за ЕП 2007 година во Холандија. Во првиот дуел од баражот со Луксембург, избраниците на селекторот Мирсад Јонуз уште на гостувањето успеаја да слават убедлива победа од 3:0. Со ова реваншот на 26 април во Прилеп треба да претставува само формалност со која ќе се потврди настапот во 11. квалификациска група, каде ќе играме со Шведска и Данска. Младите Македонци ја потврдија улогата на фаворит во дуелите со Луксембург. Во Еш Алзет, освен на почетокот на средбата, целосно ја имаа контролата над играта и веќе во 20 минута Бајрами со удар од 25 метри го откри резултатот.
На почетокот на второто полувреме Шиков од слободен удар стрелаше неодбранлива за 2:0, а на средината од овој дел од играта Неџипи испрати проектил од 20 метри, постигнувајќи евро-гол за конечните 3:0.
-Очекував дека ќе победиме на првата средба и добро е што го реализиравме тоа. Во првите 20-тина минути моравме да се адаптираме на играта, но подоцна се одеше во наш прилог, ја имавме иницијативата, создававме шанси и постигнавме три прекрасни гола.
Пред се сум задоволен од извонредниот процент на реализација за разлика од некои претходни натпревари, кога создававме шанси, но не ги реализиравме. Сепак, во финишот можевме да постигнеме уште толку голови. Против Луксембург настапивме со многу нови играчи, меѓутоа потврдивме дека сме подобри и одиме понатаму, изјави по натпреварот Мирсад Јонуз.