Украинските власти воведоа санкции кон околу 400 физички и 90 правни лица, инволвирани, според нивно мислење, во руската анексија на Крим и во конфликтот во источна Украина, пренесоа француските медиуми.

Во списокот со санкционирани субјекти составен од украинскиот претседател Петро Порошенко се вклучени високо позиционирани руски претставници и сепаратисти од источна Украина. Во него, меѓутоа, влегоа уште тројца дописници на Би-Би-Си, чие седиште е во Москва, новинар на германскиот весник „Цајт” и еден шпански новинар. Ним им е забрането да влегуваат на територијата на Украина во рок од една година.

Меѓу санкционираните лица се наоѓаат уште и началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, министерот за одбрана Сергеј Шојгу, заменик министерот за одбрана, Анатолиј Антонов, вицеадмирал Александар Витко, командантот на Црноморската флота и главен командант на копнените војски, Олег Салјуков, информира ТАСС.

Украинскиот претседател Петро Порошенко ја ратификува оваа одлука, што била донесена на 2 септември од страна на Советот за национална безбедност и одбрана.

Списокот беше објавен на денот кога самопрогласената „Доњецка Народна Република” соопшти дека на 18 септември ќе организира избори, и покрај спротивставувањето на киевските власти, кои предупредуваат дека ваквиотчекор може да го прекине мировниот процес.