Основното јавно обвинителство од Скопје покрена обвинение против лице кое се товари дека сторило кривично дело „изнуда“.

Како што информираат од обвинителството, лицето во текот на ноември и декември минатата година, со намера за себе да прибави имотна корист, упатувал сериозни закани преку телефон на жена, тврдејќи дека поседува документи со кои би можел да го извади од притвор нејзиниот сопруг.

За да ѝ ги достави тие документи, осомничениот од неа барал да му исплати сума од 150 илјади евра, а истовремено ѝ се заканувал дека доколку пријави ќе постави бомба и дека „ќе биде лошо за неа и за нејзините внуци“.

Сепак, оштетената не му го исплатила бараниот износ и тој не успеал да ја реализира намерата.

За обвинетиот на сила се мерки за претпазливост.

извор: Makfax