Од полноќ во Австрија почнаа да важат новите правила, поостри мерки во борбата против епидемијата на коронавирус, кои го ограничуваат бројот на лица на приватни прослави.

Исто така задолжително е и носењето маски.

Министерството за здравство издаде уредба со која се воведуваат новите мерки ширум Австрија.

Што се однесува до прославите, без посебно обележани места за седење, во затворени места дозволено е максимално десет луѓе. Исклучок се погребите, каде може да присуствуваат и до 500 луѓе.

Со уредбата се предвидува манифестициите со над 250 лица за одржување мораат да имаат одобрение од надлежните власти.

Веќе со 50 лица во затворени простории или 100 лица на отворено, неопходно е организаторот да има концепт за спречување на инфекции.

Што се однесува до угостителството, воведена е обврска да се затвори локалот до еден часот по полноќ.

Министерството за внатрешни работи најави дека ќе спроведе строги контроли низ целата земја и ќе го казни секое прекршување.

Понатаму, во гастрономијата се менува тоа што сега гостите треба да носат маски кога влегуваат и излегуваат од локалот. Покрај тоа, бројот на луѓе на една маса е ограничен на десет. Регулативата исто така нагласува дека потрошувачката на храна или пијалоци е можна само на маса, што забранува стоење во барот.

Обврската за носење маски сега е проширена од јавниот превоз и затворените простори како што се институциите, до трговските центри и пазарите, но и на саемите.

извор: Makfax