Овој викенд 31. коло на Примера ќе го одбележи најголемото дерби на Шпанија, а најверојатно и на Европа. Утре на “Сантјаго Бернабеу”, Реал (М) се среќава со својот вечен и крвен непријател лидерот на табелата Барселона. Средбата е клучна за двете екипи – Барса ако остане непоразена ќе ги зголеми шансите за титулата, бидејќи сега веќе има предност од девет бодови, а од друга страна Реал (М) ќе се обиде да го спаси првенството. Тешко дека има фудбалски навивач кој не се сеќава кога “кралевите” истрчале на “Бернабеу”, а не биле фаворити. Токму тоа ги чека “галактикоси” против Барса. Реаловите ѕвезди сезонава играат многу слабо, се мачат, но едно е сигурно. Дербито е дерби и не се знае кој ќе блесне. Тука не важат ни формата, ни логиката. За трите бода оние најогнените навивачи на овие два тима би дале цело богатство. Она што внесува дополнителна возбуда пред средбата е неизвесноста околу настапот на најдобриот играч на Барселона и на светот, Бразилецот Роналдињо. Медицинскиот персонал на катлонскиот клуб соопшти дека Роналдињо јадел нешто што не можел да го поднесе, па имал тешкотии со желудникот, поради што го пропушти тренингот. Сепак, лекарите даваат надеж дека бразилскиот виртуоз ќе зазадрави и ќе биде во тимот за дербито со Реал (М). Тимот на Реал (М) има примено 999 голови на “Бернабеу” во историјата на Примера. Напаѓачот на Барса Самуел Ето, кој беше сопственот на Реал, е потенцијалниот кој може да го одбележи 1.000. гол во мрежата на “кралевите”. “Не можам да гарантирам дека ќе постигнам гол, но со сигурност ќе им помогнам на соиграчите. Важно е да победиме, независно кој ќе даде гол”, вели Камерунецот.