Работнички К. третпат сезонава ја совлада Цементарница, правејќи огромен чекор кон освојувањето на првата титула. Во прилог на “романтичарите” оди и поразот на Вардар против Беласица Г.Ц. За одбележување во 24. коло е и првата победа на Напредок во првенството. Девет кола пред крајот на првенството, предност на лидерот пред второпласираниот Вардар, изнесува 14 бода, но тренерот на Работнички К., Ѓоре Јовановски не сака предвремена еуфорија во своите редови: – Ништо не е завршено. Се додека противниците имаат теоретски шанси да не симнат од врвот, ние ќе играме максимално мотивирано. Против Цементарница имавме тежок психолошки меч, бидејќи бодовите беа од големо значење за двете екипи, па изостана убавата игра. Заслужено победивме, вели Јовановски. Победникот во К. Вода го реши Лазаревски, кој во обид да нафрли го лобуваше нерешителниот Манчевски, иако и Мазнов стрелаше во пречката. Во последните секунди Ристевски го погоди десниот дирек и не успеа на својот тим да му донесе барем еден бод. – Неверојатно. Против Вардар бодовите ги загубивме од случаен гол, а ист таков примивме повторно. Работнички повеќе ја посакуваше победата. Уште од сега им ја честитам титулата на “романтичарите”, – изјави тренерот на Цементарница, Зоран Стратев. Вардар и натаму постанува без победа на стадионот “Младост” во Струмица. Фудбалерите на Беласица ја продолжија традицијата, совладувајќи ги “црвено-црните” со 2:1. Струмичани својата надмоќност успеаја да ја круниса во вториот дел, кога постигнаа два гола. Вардарци само го ублажија поразот и тоа длабоко во судиското продолжение на натпреварот. Во Кичево ни најголемите оптимисти не очекуваа победа над аспирантот за Европа, тетовска Шкендија. Младите фудбалери на Напредок не само што резултатски го совладаа својот противник, туку го надминаа во сите елементи на фудбалската игра. Гостите помалку лежарно влегоа во овој дуел мислејќи дека лесно ќе се справат со својот ривал. Но, така не мислеа младите фудбалери на Напредок, одиграа беспрекорно и потврдија дека на нив може да се смета и во наредниот период. Башкими и Маџари С. одиграа слаб, неинтересен натпревар со многу прекини, без вистински акции и два, би се рекло, случајни голови. Никакво оправдување не треба да биде неиграњето на по неколку првотимци, бидејќи и оние што истрчаа на теренот ги имаа сите предуслови за квалитетна претстава. Ова посебно важи за домаќинот, кој со евентуален триумф ќе ги решеше сите дилеми околу избегнувањето на баражот. Штипјани треба да бидат среќни со бодот против Победа. Прилепчаните ја надиграа Брегалница, создадоа повеќе шанси од кои реализираа само една. Очигледно Победа има многу поквалитетен играчки потенцијал, кој импресионира со брзината, дуел играта и создавањето шанси. Наспроти нив, Брегалница немаше рецепт како да дојде до голот на Победа и во дуел играта. Кратовци од Чаир заминаа со три бода, многу важни во трката за место во Европа. Сепак, до победата против подмладениот тим на Слога Ј. стигнаа потешко од очекувањата. Отпорот на домаќините беше скршен во финишот на средбата и тоа од пенал.


ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ