Од позиција прв човек на пазарна инспекција седнавте во жешкото столче на прв даночник во земјава. Како се справувате со новиот предизвик?

Суштината и на Пазарниот инспекторат и на Управата за јавни приходи е управувањето со ризик. Има многу сличности во менаџирањето на институциите, меѓутоа се разбира постојат и суштествени разлики дефинирани од мисијата на секоја од институциите. Во изминатиот период главно се фокусиравме на стратешки и организациски аспекти. На стратешки план, целта ни е да изработиме среднорочна стратегија за развој на Управата за јавни приходи, со пропратен акциски план, кои ќе вклучуваат активности со кои ќе се влијае на унапредување на човечките ресурси, деловните процеси и технологијата. На оперативен план, фокусирани сме на унапредување на тековните процеси преку инсистирање и унапредување на тимската работа, транспарентноста и ажурноста во работењето.

“Е-Даноци” е првата електронска услуга на јавната администрација во Македонија, започнавте со даночни пријави по електонски пат? Покрај електронското поднесување на даночни пријави, УЈП изгради бројни електронски системи преку кои не само што ги направи услугите подостапни за граѓаните и бизнисите, туку и за другите институции. Е-Даночните сервиси сега овозможуваат не само поднесување на даночна пријава преку интернет, туку и преглед и плаќање на даноци и радиодифузна такса, издавање на уверенија и потврди, пријавување на неправилности, е-аукции за продажба на движни и недвижни предмети, електронско издавање на фактури за цели на проекти, регистрација на ГПРС-уред…

Од воведувањето во 2006 година, кога беше достапен само за големите компании и за поднесување на даночни пријави, денес “е-Даноци# е систем на услуги кои се користат од фирмите и граѓаните. Електронските даночни услуги го променија начинот на комуникација на УЈП со даночните обврзници, но и самото работење на даночната администрација, даночните обврзници, сметководителите… Како што кажавте, бројни се електронските услуги кои се овозможени преку “е-Даноци”. Според последното истражување на задоволството на корисниците на услугите, покрај истакнатите бенефити од даночните обврзници, посебно сметководителите, сепак постои простор за подобрување на системот во насока на брзината, усер-фриендлѕ…што е особено важно поради пиковите и големиот број на корисници. Она што можам да го кажам е дека следниот чекор е отпочнување на електронска достава на даночни акти, со што системот ќе започне да функционира на принципот на двонасочна комуникација, односно класичното поштенско сандаче ќе се замени со е-пошта. Исто така, од голема важност е поедноставување на електронското поднесување на даночни пријави за граѓаните и постапките за пријавување на приходите. Моментално трошоците поврзани за набавка на дигитален сертификат се реална пречка за масовно користење на “е-Даноци# од страна на граѓаните.

Последното што го овозможивте на граѓаните е без дополнителни трошоци за регистрација да вршат плаќање на персонален данок и радиодифузна такса со безготовинска картичка. Каков е бенефитот од оваа мерка?

Тоа е најновата електронска услуга на УЈП со која им овозможивме на граѓаните во секое време да имаат пристап и вршат преглед на нивните долгови, но и можност за плаќање на обврските за радиодифузна такса, персонален данок и ДДВ преку интернет, со безготовинска картичка. Она што е најважно е што регистрацијата за оваа услуга е бесплатна. Вкупно 28.937 граѓани се веќе корисници на електронските даночни сервиси. Даночните обврзници кои се уште не се корисници на “е-Даноци# ги охрабруваме тоа да го сторат што побрзо, бидејќи електронската комуникација е веќе реалност во сите сфери на општественото живеење, но и иднина на која сите ние ќе треба да се прилагодиме, бидејќи гледано долгорочно ќе стане единствен начин на комуникација.

Македонија и според сите досегашни извештаи има високи оценки, а во преден план се ниските даноци. Што покажуваат анализите? Дали рамниот данок и ниските даночни стапки се доволни за УЈП да го реализира проектираниот прилив во државната каса? Колку ваквите чекори го поедноставуваат бизнис амбиентот?

Мое лично мислење е дека концептот на рамен данок и ниските даночни стапки нудат можност за водење на квалитетна даночна политика и поедноставно администрирање на даноците од страна на УЈП. Ако и во услови на глобална финансиска криза, Македонија имаше добра наплата на приходите без зголемување на даночните стапки, што не беше случај со другите држави, не би барал други аргументи за оправданоста и примената на рамниот данок. Најважно е што ваквиот концепт истовремено ги стимулира и овозможува помало даночно оптоварување на бизнисите и граѓаните. Од даночен аспект, Македонија има прилично хомогена структура на стопанството, тоа се однесува и на структурата и на профилот на даночните обврзниците.
Тешко е да добиете висока оценка, но уште потешко е да ја задржите. Македонија во делот на даночната политика и постапките за плаќање на даноците е се уште високо оценета, работиме така и да остане.

Какви се резултатите од прибирањето на даноците во 2015 година. Дали е исполнет планот?

Наплатата на приходите е позитивна и се движи во рамките на планираното, а во споредба со истиот период изминатата година, наплата е подобра. Сепак се уште е рано да се прават прогнози и да се генерализира. Со заокружувањето на првиот квартал ќе може да се направат некои поконкретни анализи.

Кон крајот на минатата година најавивте нов концепт на услугите, првенствено преку Контакт центарот кој граѓаните го препознаваат како место каде треба да бидат до 15 март и да поднесат годишна даночна пријава? Колку заживеа овој концепт и какви се првичните резултати?

Новиот Контакт центар на УЈП е проект финансиран преку ИПА фондовите и кој треба да понуди нов концепт на услугите на УЈП, односно нови или подобри услуги за даночните обврзници. Реновирањето и адаптацијата на просторот каде ќе биде лоциран новиот Контакт центар е завршено. Паралелно работиме и ги користиме позитивните практики и искуство на колегите од Шпанската даночна администрација (АЕАТ) во рамките на двегодишниот Твининг проект. Целокупниот проект се одвива во фази. Моментално се очекува да се комплетираат постапките во врска со новата опрема која е неопходна за функционирањето на Контакт центарот во новите простории.
Во секој случај, станува збор за повеќегодишен проект кој очекуваме целосно да се заокружи до крајот на оваа година.

Во тек е поднесувањето на годишните пријави за персонален данок на доход за приходите на граѓаните во минатата година. Дали за примениот регрес за годишен одмор вработените треба да поднесат годишна даночна пријава иако немаат други дополнителни приходи? Какви се очекувањата?

Земајќи ја досегашната динамика на поднесување на пријавите, и оваа година очекуваме метежи на шалтерите на УЈП пред истекот на рокот. Досега 78.780 граѓани ги пријавиле своите приходи, а нашите прогнози се до 15-ти март бројката на Годишни даночни пријави да достигне 400 илјади. Тоа во просек значи дека дневно УЈП ќе прима 20.000 Годишни даночни пријави. Токму од овие причини секоја година апелираме граѓаните да не ги чекаат последните денови пред истекот на рокот за да ги завршат своите обврски.
Истовремено, ги промовираме електронски даночни услуги. 345 граѓани кои се регистрирани корисници на е-Даноци веќе ја поднеле својата Годишната даночна пријава преку интернет.
Обврска да поднесе Годишна даночна пријава има секој граѓанин (резидент) на Македонија кој остварил дополнителни приходи во изминатата година.
Ако во 2015 година, граѓанинот остварил само приходи од плата или пензија нема обврска да поднесе Годишна даночна пријава. За сите други видови на приходи како што споменавте – регрес за годишен одмор, но и за сите други кои имаат третман на дополнителен приход, како на пример, кирии, авторски права, дивиденди, лични примања од странство и др., граѓанинот задолжително треба да поднесе Годишна даночна пријава. Според нашите службени податоци, во изминатите години голем број граѓани во Македонија оствариле приходи преку е-трговија, од услуги извршени преку специјализирани страни, од поставување на реклами на сопствени интернет страници, прогнози (дојави) на типови за спортски натпревари… токму од овие причини оваа група е од посебен интерес на УЈП и ги следиме нивните приходи.

Колкави приходи пријавиле граѓаните во 2014 година и колкави и чии се најголемите заработувачки од хонорари и по другите основи за кои се поднесува Годишната пријава за персоналец?

Изминатата година, до УЈП беа поднесени 421.959 Годишни даночни пријави. Драстичното зголемување на оваа бројка, во споредба со 177.278 пријави за приходите во 2013 година, се должеше на воведувањето на законската обврска за исплата на т.н. К-15.
Информациите за наплатата на персоналниот данок, анализите по однос на оданочувањето на одделните видови приходи ќе бидат објавени во Годишниот извештај на УЈП за 2015 година и достапни за јавноста. Точно е дека во изминатите години УЈП објавуваше посебни анализи по однос на поднесените Годишни даночни пријави, чија цел беше подигнување на даночна свест на граѓаните и јавноста во делот на персоналното оданочување. Ваквите анализи, улогата на медиумите и другите активности кои УЈП ги реализираше, во изминатите години одиграа голема улога за поголема информираност на граѓаните.
Во последните две години, УЈП не објавува веќе вакви анализи, земајќи предвид дека основната цел за која тие беа објавувани е постигната, од една страна, а од друга страна често пати при објавата на анализите УЈП се споредуваше со “Форбс# што е сосема погрешно.

Управата за јавни приходи секој месец објавува таканаречена црна листа на должници. Дали оваа практика ќе продолжи и какви се резултатите?

Објавувањето на Листата на должници е обврска за УЈП согласно Законот за даночна постапка. Оттука, не станува збор за можност или избор. Повратните информации кои ги добиваме од бизнис заедницата ни говорат дека Листата е од голема корист за стопанствениците, односно за стекнување на информации за кредибилитетот на нивните постојни и потенцијални деловни партнери, но и за носење на здрави бизнис одлуки. Едно од најчестите прашања кои ги добиваме поврзани со Листата е дали УЈП презема мерки за наплата на долговите. Би потенцирале дека должниците се објавуваат на оваа Листа според критериумите определени со законот, а објавениот должник може да се наоѓа во различна фаза на даночна постапка која ја води УЈП, а тоа може да биде опоменување, редовни мерки на наплата, присилна наплата и сл. Даночен обврзник може да се појави на Листата и едноставно поради тоа што еднократно задоцнил со плаќање на даноците, односно поради проблеми со ликвидноста во опфатениот период и сл.

Дали УЈП се вклучи во прочистувањето на Избирачкиот список за претстојните предвремени парламентарни избори? Која база на податоци ја користевте?

УЈП активно се вклучи во размената на податоци со Државната изборна комисија заради прочистување на Избирачкиот список. Склучивме Меморандум со ДИК, а базите се веќе предадени. Секако Управата и нашите служби се на располагање за заокружување на овој процес, кој е од круцијално значење во овој момент.

Весна М. БОЖИНОВСКА