Во Министерството за животна средина и просторно планирање вчера беше преставен Нацрт-планот за управување со Националниот парк “Пелистер” со што и формално почнува едномесечниот рок на негова јавна презентација. Со него ќе почне примената на поинаков начин на управување со најстариот национален парк на просторите на поранешна СФРЈ, кој треба да овозможи одржливо искористување на лесно обновливите ресурси (лековите тревки и други ендемски и домашни видови растенија) во овој исклучително убав и недопрен предел.
– Од друга страна, новиот начин на управува треба да им ги понуди на посетителите традиционалните услуги на селскиот туризам, особено пределот на селото Маловишта каде е зачуван автентичниот изглед. Во тоа, голема помош ќе биде побарана од локалната самоуправа која целосно ќе биде вклучена во примената на овој план”, истакна управителот на НП Пелистер, Славко Дамевски.
Следни национални паркови за кои ќе се изработуваат нацрт-планови за управување се Галичица и Маврово, кои, како што истакна директорката на Службата за животна среднина при МЖСПП, Пандора Никушева треба да бидат готови до крајот на 2007 година. Инаку, националните паркови во земјава мора да се прегеристрираат до први јануари 2006 година во јавни претпријатија.(С. Бл.)