По седумгодишно истражување, сосема неочекувано, дојдено е до шокантно откритие за постоење на голем број геј-желки кои живеат на островот Голем Град.

Веста која одекна од Преспанското Езеро, заинтригира голем број истражувачи од оваа област ширум целиот свет.

Голем Град, познат како Змиски остров, се смета за природен резерват заради карактеристистичната флора и фауна и поради своето историско минато. Неговото опкружување со голема количина на вода, геолошката подлога и близината на Медитеранот, овозможуваат на островот да владее посебна микроклима која е причина за богата и ретко распространета вегетација. Токму овие карактеристики на преспанскиот остров, го разбудија интересот на група интернационални истражувачи, кои редовно го посетуваат и вршат истражувања на островот.

– Кога ќе забележиш дека има парење на животни пред тебе, тоа го запишуваш и не се мачиш да го утврдиш полот на животните. Беше големо изненадување кога видовме дека станува збор за мажјаци, како во првиот, така и во сите останати случаи, вели Драган Арсовски, еден од двајцата македонски истражувачи, во интервјуто за РадиоМоф.

По долгогодишно маркирање и споредување на базите со податоци за однесувањето на желките, истражуваачите дојдоа до сознание дека всушност се работи со најгустата популација на Херманиевата желка во светот, и дека станува збор за популација со многу нерамномерен однос на половите и огромен број мажјаци.

– Односот е околу 50 женки на 1000 мажјаци, па оттука без посебни моделирања и истражувања може да се дојде до заклучок дека поради нерамномерниот однос на полови и густината на популацијата, доаѓа до специфично, хомосексуално однесување кај желките. Често се случува кога работиме на истражување на желки да се појави поскок или друга змија, па работиме и со нив. Желките се забележуваат на лице место, додека змиите ги носиме во кампот каде што престојуваме, ги премеруваме и земаме основни податоци, по што ги враќаме назад, заклучува Арсовски.

Истражувачкиот проект е финансиран од Српското министерство за наука и делумно од Франција, а истражувањата ги врши тим од 17-ина научници од Србија, Франција и Македонија.
За поттик на вакви истражувачки акции, големо влијание има Истражувачкото друштво на студенти биолози, кое континуирано работи на испитување и истражување на биодиверзитетот на Македонија.