Македонија, наскоро, ќе добие прва здравствена установа од светски ранг- универзална болница “Панорама” сместена на падините на Водно на локацијата каде што сега се наоѓа хотелот “Панорама”. Познатата турска компанија “Универзал хоспитал груп” од Истанбул лани го купи хотелот со цел на негово место да изгради болница, прва од ваков ранг на Балканот. Спред проектот кој е веќе готов, хотелот “Панорама” ќе биде урнат до темел, а на негово место ќе биде изграден новиот објект на површина од 18 илјади метри квадратни. Болницата ќе биде на четри ката со капацитет од 100 соби, со исто толку легла, бидејќи во секоја соба ќе има по еден кревет. Собите за болните ќе бидат најсовремено опремени, секоја со купатило, телевизор, и во сите ќе бидат поставени камери за деноноќно следење на болните. Во болницата ќе има девет операциони сали, породилни сали, цел еден кат е наменет за гинекологија и акушерство, кафетерија со поглед на Скопје и кино-сала за медицинскиот персонал, каде што секојдневно ќе се презентираат најновите достигнувања во светот од областа на медицината. “Компанијата “Универзал хоспитал груп” веќе има изградено 28 вакви билници, пред се, во Турција, но и во други европски градови, а оваа во Скопје ќе биде прва од ваков вид на Балканот”, изјави вчера за “Вечер”, Јуксел Чалишкан, генерален директор на Болницата и човек кој го изработи целиот проект. Во неа, вели тој, ќе се вршат сите прегледи, општи, лабораториски, специјалистички од сите медицински области, како и оперативен блок за сите хируршки зафати со најсовремена апаратура. Според Чалишкан, деновиве почна внатрешно уривање на хотелот од кој според планот ќе останат само темелите, на кои ќе се гради новата болница за што е планирана инвестиција од 32,5 милиони евра. “Во болницата ќе бидат вработени минимум 400 луѓе, сите од Македонија, пред се, медицински персонал, лекари, медицински сестри, лаборанти, но и помошен персонал. Лекарите ќе ги избира наша специјална комисија од Истанбул, а во болницата по потреба ќе оперираат и лекари специјалисти од цела Европа со кои “Универзал хоспитал груп” соработува со години наназад”, нагласи Чалишкан.


Весна М. БОЖИНОВСКА