Европската куќа на фудбалот со помош на Бергеровиот систем на 2 март во Нион ќе го одреди распоредот на натпреварите во квалификациите за ЕП 2008 во Швајцарија и Австрија во групата “Е”, каде покрај Македонија се наоѓаат и селекциите на Англија, Хрватска, Русија, Израел, Естонија и Андора. “Возниот ред” на средбите сега е во рацете на УЕФА, откако претставниците на седумте фудбалски сојузи во четвртокот во Загреб (х.”Шератон”) не успеаја да ги усогласат ставовите.
Информациите од ФФМ говорат дека преговорите во престолнината на Хрватска пропаднале поради цврстиот став на Русија и нејзиното несогласување околу термините за одигрување на натпреварите со “Гордиот Албион”. Ова е потврдено и од преговарачкиот тим на Англија и од селекторот на “огнените” Златко Крањчар, кој ги обвини Русите за “минирање” на преговорите.
– Жал ми е што не се договориме. Шест од седумте репрезентации имаа прифатливи планови, но не успеавме да постигнеме заедничка согласност. Нам најмногу ни одговараше планот, што беше презентиран уште на почетокот на состанокот. Англија ќе гостуваше на стартот на квалификациите во септември, а само двапати во целиот квалификациски циклус ќе имавме двојна програма. Тоа ќе ни овозможеше поодморени и поподготвени да им одговориме на предизвиците во квалификациите, изјави претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески по враќањето од Загреб.
На ждрепката што ќе се одржи в чеврток (2 март) сите селекции ќе влезат рамноправно. Претставниците на секоја земја ќе извлечат натпреварувачка бројка за одредување на противниците и буква за утврдување на термините на натпреварите. (С.Д.)