На Македонија и е итно потребен антидискриминационен закон
Во екот на годинашното предизборие, на само пет дена од повторното преиспитување на степенот на демократија и зрелост на државата, и на нејзината одговорност кон следните поколенија и иднината на целата нација во тековниот голобален амбиент, неформалниот Сојуз на граѓански организации Македонија без дискриминација, успеа организирано, медиумски проследено и концепциски сосема успешно да им го сврти вниманието на претседателските кандидати на најчесто превидуваната а најраспространета и највкоренета дневно-политичка тема – дискриминацијата. Пет од седум кандидати за претседател на државава во скопски “Континентал” на средбата што ја организираше Полио плус како Секретаријат на овој Сојуз, говореа за суштинскиот однос и третман на дискриминацијата на овие простори. Секој од нив говореше за начиниот на кој како претседател на државава ќе одговори на проблемите со кои граѓаните се уште се соочуваат по основ на возраст, или пак, припадничките на понежниот пол, лицата со хендикеп, оние со различна сексуална определба, поинакви сфаќања и религиозни убедувања или етничка и расна припадност, но и од другите маргинализирани социјални категории. Кандидатите дадоа и лична оценка за тековната состојба од аспект на ненадминатите и бегло набљудуваните појави на дискриминација и чекорите кои државата и релевантните институции мора нужно да ги преземат за нивно конечно демистифицирање и надминување.
И покрај несогласувањата околу актуелната содржина на предлог-законот за антидискриминација што го подготвува државата, кандидатите беа истомисленици во едно – на државата и е нужно потребно системско законско проследување и решавање на оваа проблематика. За успешно и ефективно спроведување на таков закон пак, согласни се сите кандидати, потребен е независен механизам, согласно директивите од ЕУ, т.н. за еднаков третман, што ќе го гарантира неговото правилно, целосно и непречено применување во практиката, но кој исто така ќе дејствува и во превенцијата од дискриминација.
Претставници на неколку членки од оваа невладина коалиција посочија суштински прашања врзани за основот на дискриминација против кој тие организирано дејствуваат и за чие искоренување енергично лобираат и се залагаат. А секој од идните можни претседатели на државава изрази помала или поголема подготвеност, волја и решеност поефикасно, низ посилен и повидлив дијалог со граѓанскиот сектор, во најскоро време, откако предложениот законски текст ќе му се достави на Собранието, дефинитивно соодветно да биде уредена и оваа проблематика.
Полио плус –
движење против хендикеп