“Аранжманот за кој ќе разговараме со македонските претставници во текот на наредните две недели ќе биде најмногу фокусиран на структурните реформи, бидејќи проблемите со кои сега се соочува Македонија се првенствено структурни. Најважно е да се фокусираме на основните проблеми со кои се соочува земјава, а не на тоа дали аранжманот ќе биде ЕФФ или стенд-бај”, изјави вчера шефот на Мисијата на ММФ за Македонија, Франек Розвадовски пред почетокот на втората рунда преговори со нашиот преговарачки тим. Тој нагласи дека во Македонија премногу внимание се посветува на тоа каков ќе биде аранжманот, наспроти најважното прашање, а тоа се политиките со кои ќе можат да се решаваат фундаменталните проблеми со кои се соочува земјава. Според него, аранжманот ќе трае две или три години, зависно од содржината на програмата и колку време ќе биде потребно да се спроведат мерките. “За спроведување на некои мерки е доволен само еден ден, а за други е потребна подолга подготовка, а потоа имплементација”, рече Розвадовски. Шефот на Мисијата на ММФ смета дека е прерано да се зборува за тоа кога може да се очекува новиот аранжман. “Ако ги завршиме преговорите во оваа мисија, аранжманот може да се очекува во лето, но ако е потребна уште една мисија, можеби ќе се случи подоцна. Сепак, ќе биде на лето”, истакна Розвадовски. Во врска со прашањето за влијанието на парламентарните избори идната година врз реформите договорени со аранжманот, шефот на ММФ изјави дека аранжманот се склучува со властите на една земја и дека Фондот очекува наредната влада да ги почитува преземените обврски од претходната.


Весна М.БОЖИНОВСКА