Министерството за транспорт и врски секоја година вршело незаконска наплата по 250 денари на име надоместок за секоја издадена и подигната обична транспортна дозвола. Државниот завод за ревизија со години наназад во извештаите му забележувале на Министерството да го укине тој надоместок, бидејќи нема основа за прибирање на овие пари, тврдат од Асоцијацијата на камионските транспортери – МАКАМТРАНС.
-Според потпишаните билатерални договори со другите држави, Македонија годишно на камионџиите што вршат меѓународен транспорт им издава 95.500 обични и 740 ЦЕМТ транспортни дозволи за што на име административни такси за Буџетот на државата плаќаат по 350 денари по дозвола, што е околу 33,5 милиони денари. Покрај овие пари, Министерството ги присилува транспортерите да го плаќаат и надоместокот од 250 денари со образложение дека со тие пари се инвестира во развојот и унапредувањето на товарниот сообраќај и остварување контакти со други држави”, вели генералниот секретар на МАКАМТРАНС, Билјана Муратовска.
Од Министерството велат дека дополнителната давачка од 250 денари е договорена уште од 1999 година кога министер за транспорт и врски беше Љупчо Балковски. За неа се спогодиле ресорното министерство, “Македонија сообраќај” и бившото раководство на МАКАМТРАНС. Муратовска се сомнева дека овој договор постои и се прашува дали некој друг тогаш имал смелост да потпише нешто во име на сите транспортери.
Под притисок на ревизорите, Министерството оваа година се откажало од дополнителната давачка за ЦЕМТ дозволите за која, покрај административната такса, камионџиите плаќале и по 100 долари што по тој основ во касата на Министерството годишно влегувале околу 520 илјади долари. Ова го потврдуваат од Министерството, но и наведуваат дека надоместокот од 250 денари за обичните транспортни дозволи постепено ќе се укинува.


Светлана БЛАЖЕВСКА