На ИНГ – Банката, на Словенците – зградата!?
Владата има резервна варијанта, ИНГ да ја добие “Поштенска банка”, а Словенците новата зграда на Поштенска, за која Холанѓаните воопшто не се заинтересирани. Ова дознаваме е резервна опција со која донекаде би ги смириле духовите на поплатежните понудувачи “Нова љубљанска банка”, ако тие не бидат избрани како поповолен инвеститор. Владата вчера претпладне даде нов рок од 20-тина дена да пресече дали “Поштенска банка” ќе ја продаде на “Нова љубљанска банка” или на холандската групација ИНГ. Во меѓувреме, гувернерот Петар Гошев добил задача уште еднаш да оствари средби со двете заинтересирани страни. Дека Словенците не се откажуваат од намерата да ја купат Поштенска, иако во трката добија сериозна конкуренција од Холанѓаните, говори и фактот што вчера висока делегација од Љубљана повторно допатува во Скопје. Словенечката делегација предводена од претседателот на Управата на “Нова љубљанска банка”, Марјан Крамар, генералниот секретар Милан Маринич, Андреј Хазебенд и Ѓорѓи Јанчевски, прв генерален директор на “Тутунска банка” -Скопје, во текот на вчерашниот ден остварија средба со премиерот Владо Бучковски, на која, како што велат наши извори, уште еднаш му ја соопштија сериозноста на понудата за влез во “Поштенска банка”. На средбата Словенците ги отвориле картите за сите детали околу купувањето на Банката, кои се уште се држат во строга тајност. Дознаваме дека освен бизнис планот и цената, претставниците на “Нова љубљанска банка” на премиерот и неговите советници им ги соопштиле и нивните услови кои доколку не им бидат прифатени, ќе се откажат од купувањето на Поштенска. Словенците инсистираат во самиот купопродажен договор да се дефинира користењето на мрежата на експозитурите на “Поштенска банка” со “Македонска пошта”, за со евентуалната приватизација на ова јавно претпријатие да не останат со куси ракави во поглед на експозитурите. Вториот услов, велат наши извори е “омекнувањето” на златната акција што државата ја поседува во Поштенска. “Нова љубљанска банка” бара од Владата во купопродажниот договор да се прецизира ова правило на игра кое според нив ќе значи тие да можат да вршат статусни и статутарни промени без притоа да бараат согласност од Владата, како што е на пример за промена на името на Банката, докапитализацијата… Но, и покрај тоа што “Нова љубљанска има далеку “потешка” финансиска понуда или осум до 10 милиони евра од ИНГ, која нуди 3,5 милиони евра и сервисирање на надворешниот долг на земјава, дознаваме дека “симпатиите” на Владата сепак одат во насока “Поштенска” да ја даде на Холанѓаните, попуштајќи под притисокот на нејзините коалициони партнери и Светската банка и ММФ. Светските финансиери и сигнализирале на Владата дека влезот на една вака високо рангирана банка во Македонија ќе ги отвори вратите на многу други реномирани финасиери за влез на нашиот пазар.
Весна М. БОЖИНОВСКА