Обвинителниот акт за случајот “Пуч”, во кој се обвинети лидерот на СДСМ Зоран Заев, поранешниот висок полициски функционер Зоран Верушевски, неговата сопруга и уште две лица, е прифатен од Советот за оценка при скопскиот Кривичен суд.

Оттаму соопштија дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се предвидени во Кривичниот законик и доказите кои се приложени се издржани и го поткрепуваат обвинението.

– Советот во одлучувањето утврди дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението, информираат од Судот.

Рочиштето за оценка на Обвинителниот акт се одржа на први јуни, а на него адвокатите на петтемина обвинети поднесоа голем број приговори и обемна листа на докази. Токму затоа и оценката на Обвинението траела речиси еден месец, а сите приговори на одбрана се одбиени.

– По одржано рочиште за оценка на обвинителен акт на 01.06.2015 година, како и детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната и ценење на доказите врз кои се заснова обвинителниот акт, донесена е одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост, а приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани.Воедно советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа, додадоа од судот.

Обвинителството пак сметаше дека се собрани доволно докази кои прецизно ја утврдуваат вината на обвинетите.

– Остануваме во целост на обвинителниот акт што го поднесовме и доставивме листа со докази на кои се заснова обвинението и со нивно изведување ќе се докаже дека обвинетите ги извршиле кривичните дела за кои се товарат. Барам од Советот да го прифати обвинителниот акт, рече обвинителот Златко Биковски.

Сега останува предметот за случајот “Пуч” да биде распореден кај надлежен судија во Кривичниот суд и потоа да биде закажан термин за почеток на процесот односно за главна расправа.

Во случајот “Пуч” првообвинет е Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и насилство кон претставници на највисоки државни органи. Второобвинетиот Ѓорги Лазаревски, поранешен службеник во УБК, ќе одговара за неовластено прислушување и тонско снимање, и шпионажа, третообвинетата Соња Верушевска е обвинета за шпионажа, четвртообвинетиот Зоран Заев ќе одговара за насилство кон претставници на највисоки државни органи исто како и петтобвинетиот Бранко Палфиров.

Обвинителниот акт за случајот “Пуч” беше поднесен на 30 април.