Граничниот премин Дојран – Дојрани е алтернативата за македонските транспортери откако во понеделникот грчките земјоделци, незадоволни од политиките на нивната влада, без најава го блокираа главниот граничен премин за транспорт на стоки Богородица-Евзони од грчка страна.

Според асоцијата на камионските транспортери Макам-Транс, од нашата Царинска управа и од Агенцијата за храна и ветеринарство им излегле во пресрет, па дозволиле камионите натоварени со стока која подлежи на фитосанитарен преглед да влегува од Грција преку преминот во Дојран, со тоа што таму стационирле персонал за преглед на стоката, или пак камионите кои ќе влезат во Македонија, на контрола ги препраќаат на 30 километри оддалечениот премин Богородица. Сега проблем остануваат камионите натоварени со таква стока кои треба да влезат во Грција, зашто преминот Евзони е затворен на грчка страна, а на Дојрани нема фитосанитарна станица. Во функција е преминот Меџитлија кај Битола, но тој е премногу далеку и вртењето до таму за одредени превозници не е решение, зашто е дополнителен трошок.

Билјана Муратовска од Макам-транс објаснува дека ситуацијата е критична и дека нема најави за кревање на блокадите, ниту пак има од каде да се добие информација во Грција.

– Штети сигурно ќе има, сепак, во најлоша ситуација се возачите кои со денови стојат во место. Ладно е, а им снемува нафта за загревање на кабините, вели таа.

Според информациите од теренот, на грчка страна се заглавени најмалку стотина камиони натоварени со свежа и замрзната храна, суровини и репроматеријали за нашите индустриски капацитети, со друга стока, но и цистерни со нафта. Возачите кои превезуваат стока која не е опасна или расиплива ги напуштаат камионите, пеш ја преминуваат границата и си одат дома.

Другите, пак, премрзнати, гладни и нервозни мораат да чекаат прекин на блокадата за што нема најави. Нивните камиони се буквално заглавени во место и не можат да користат ни алтернативни патишта, зашто со тоа го навлекуваат на себе гневот на штрајкувачите. Според некои информации, возач од Србија кој се обидел да излезе од колоната и да користи спореден пат, бил сопрен, малтретиран и му била скршена шофершајбната.

– Кога штрајкуваат земјоделците во Грција, тие се многу ригорозни и не почитуваат никакви правила од Светсаката царинска организација. Не ги пропушаат ни камионите кои не смеат да стојат, како оние натоварени со свежа и замрзната храна, со нафта, опасни хемикалии и разни лесно запалливи и опасни материи, објаснува Муратовска и додава дека имаат информации дека освен границата, блокирани се и некои патишта во внатрешноста на земјата.

Оваа блокада на Евзони, за која до вчера немаше најава кога ќе заврши, погоди и голем број граѓани кои во сабота треба да заминат на шопинг во Солун преку туристички агенции, за што веќе платиле. Од агенциите велат дека засега немаат најави за откажување на саботната тура, но граѓаните ќе бидат на време информирани за состојбата и заеднички со нив ќе се договори дали ќе се откаже патувањето или ќе се реализира преку друг граничен премин.

(С.Ву.)