Македонскиот ракометен шампион Вардар од ден на ден има се повеќе навивачи на Балканот. Тоа се должи на неговите резултати во последниве неколку години, во сите натпреварувања, во кои се бори за титулата, СЕХА лига, Лига на шампиони, а е апсолутен фаворит и за освојување на нова титула во домашното првенство.

Дека “црвено-црните“ имаат најмногу симпатизери на Балканот, каде може да се каже дека се игра најдобриот ракомет, а во Македонија е спорт број еден, покажа и анкетата на специјализираниот интернет портал “Балкан Хендбал“.

На прашањето за кого навивате во Региналната СЕХА лига, дури 53% од испитаниците одговориле дека се фанови на македонскиот шампион. За вардаровиот квалитет говори и разликата меѓу првиот и вториот во анкетата, хрватскиот шампион Загреб со само 15% од гласовите на анкетираните. Потоа следат унгарскиот Веспрем со 8% проценти, Војводина 2% и Борац од Бања Лука со 5% на петтото место.

Интересно е и тоа што вториот македонски претставник Макс Струмица, има свои симпаризери и покрај тоа што нема ниедна победа во досегашниот тек од лигата. За македонскиот вицешемпион се изјасниле дека навиваат 3% од испитаниците.

Меѓутоа, изненадувачки е тоа што ланскиот финалист Мешков Брест е дури на деветата позиција со поддршка од само еден процент од навиачите.

Македонскиот шампион моментно е второпласиран во СЕХА со 40 бода, исто колку што има и Веспрем ба првата позиција (но унгарскиот шампион има и два меча помалку).

Вардарци, се двократни освојувачи на СЕХА лига, а лани беа елиминирани во полуфиналето од Мешков Брест, а потоа го загубија и мечот за третото место од Загреб. Но, избраниците на тренерот Раул Гонзалез, заедно со Веспрем се најголеми фаворити за освојување на титулата оваа сезона.
Вардар е омилен меѓу балканските навивачи и поради своите успеси во Лигата на шампионите.

“Црвено-црните“ се единствениот тим од Балканот, кој беше најблизу да се пласира на фајнлфорот во елитното натпреварување. Два пати играше во четвртфиналето и исто толку беше елиминиран, но не и надигран, туку елиминацијата се дол’и на гол разликата. Првиот пат кобен за “црвено-црните“ беше германскиот Фленсбург, а вториот полскиот Киелце.

Фото.РК. Вардар