Времето ги послужи натпреварувачите и посетителите на деветтиот традиционален дипломатски турнир, што по повод празникот 11 Октомври се одржа во неделата на терените на ТК “АБЦ” во Скопје. По изиграните четири рунди (според правилата се играше во двојки и во една категорија) најдобар севкупен резултат оствари македонскиот амбасадор Виктор Габер. Второпласиран беше Никола Пановски, директор на Фондот за здравствено осигурување, а на третото место се најде Доменико Абонити од мисијата на Проксима. Кај жените најуспеш на беше Ели Бојаџиевска од Министерството за надворешни работи, втора беше Сара Солберг, од амбасадата на САД, а на третото место се пласира Даница Боцева од МНР. Со освојувањето на првото место амбасадорот Виктор Габер, заокружи една успешна спортско-дипломатска сезона. Габер на изминатите три турнира е и претседател на Организациониот одбор, а сега со освојувањето на првото место може со титула да замине на новото работно место – амбасадор на Република Македонија во Канбера, Австралија. Најуспеш ните натпреварувачи од организаторот добија пехари, а од “Космофон” пригодни подароци. Пехарите ги додели Фуад Хасановиќ заменик-министер за надворешни работи. Американскиот амбасадор Лоренс Батлер ја доби специјалната награда за фер-плеј дипломат на турнирот што ја додели медиумскиот покровител весникот “Вечер”. На годинашниов турнир учествуваа триесетина натпреварувачи, за кои веднаш по доделувањето на наградите беше приреден пригоден коктел. Присутните во една олабавена атмосфера можеа да уживаат во специјалитетите на ресторанот “Тиглио” и вината на “Бовин”.