АД ГТЦ вчера понуди на продажба нешто над три илјади квадратни метри деловен простор, во најстариот Трговски центар во земјава кој досега не е закупен. Продажбата ќе се врши по пат на офертална лицитација, при тоа највисока почетна цена за квадрат е побарана за локали во приземјето и од страната на кејот “13 Ноември” и тоа 3.067,75 евра, а двојно помалку за галерија и дуќан во подрумот на ГТЦ. На лицитацијата ќе може да се учествува само со приложена банкарска гаранција. Освен тоа ќе има и попусти, односно за деловен простор до 50 квадрати – 20 отсто, од 50 до 300 квадрати – 15 отсто и за над 300 квадрати – 10 отсто од почетната утврдена цена. Заинтересираните ќе можат понудите да ги доставуваат во рок од 15 дена, а отворањето на пликовите ќе се изврши на 16-ти наредниот месец, во 12 часот. Како најповолна понуда ќе се смета онаа во која се нуди највисока цена на деловниот простор. Инаку, речиси сите закупци на локали во ГТЦ веќе ги подигнале понудите за купување на дуќаните, а некои од нив почнале со уплата на авансите. Како што вели директорот на ГТЦ, Милан Милошевски, само десет закупци досега не се јавиле да ги подигнат понудите. Ако закупците на овие локали не пројават интерес за купување, ќе го изгубат правото за откуп и тие ќе бидат понудени на продажба преку офертална лицитација. Јавното станбено претпријатие вчера објави меѓународен тендер за продажба на зградата на Светскиот бизнис центар во Скопје. Станува збор за 20.000 квадратни метри за кого се бара почетна цена од 10.765.660 евра. Според условите што ги предвиде ЈПССДП, објектот може да се купи во готово за што е одобрен попуст од 10 отсто и таквите понуди ќе имаат предност, или на 24 месечни рати, без камата со тоа што купувачот е должен да достави банкарска гаранција. Краен рок за доставување на понудите е 10 март, а отворањето ќе биде пет дена подоцна. Ако најповолниот понудувач во рок од осум дена не се јави за склучување на договор за продажба, односно се откаже, постапката ќе продолжи со второрангираниот ако ја понудил најмалку почетната цена.(С. Бл.)