x

НАЈМОМЕНТИ ВО 2019: Вардаровата бајка, европска одбојкарска премиера… ја испраќаме годината на чудата

elmas-1

Историска година, година на чудата беше за македонскиот спорт 2019, во која уште еднаш се покажа дека спортот е главниот амбасадор и единствениот кој може да ја сплоти нацијата… А во неа ги живеевме, славевме и се радувавме…

… На вардаровата бајка… Роберто Гарсија Парондо и вардаровите момци не убедија дека ако силно сакаш и веруваш тогаш чудата се случуваат. И се случи, одново во Келн и одново Вардар да европскиот трон… Кога беше најтешко, тие беа најсилни, кога сите очајуваа, тие веруваа и се вратија како шампиони низ Триумфалната капија. Направија Скопје уште еднаш да биде главен град на ракометна Европа… Македонците одново се сплотија во едно, а Вардар ги натера да заборават на секојдневните проблеми и да го живеат сонот на шампионите… И не само тоа „црвено-црните“ се и единствениот петкратен СЕХА првак.

Тридеценискиот сон да играат на едно Европско првенство, нашите најдобри одбојкари си го исполнија годинава. Тие дебитираа на ЕП во Љубљана и не само тоа, дојдоа и до историската прва победа над Белорусија, а потоа следуваше и втора над Словенија… Блескаа и не радуваа одбојкарите, а ние го живеевме сонот заедно со нив.

Во јули „пукна“ трансфер-бомба од Истанбул. Го посакуваа Манчестер Сити, Ливерпул, Интер, Милан, Борусија Дортмунд, се шпекулираше и со Реал Мадрид, сепак Елиф Елмас направи трансфер од Фенербахче во Наполи, вреден 17 милиони евра. Има договор со наполитанците вреден 1.5 милиони евра годишно. Дијамантот во моментов е нашиот највреден фудбалер.

Кошаркарска Македонија сепак има иднина. Во само 12 месеци ни се случи голем блесок. Кадетската репрезентација од Италија испрати порака дека допрва доаѓаат нови момци. Благодарение на селекторот Денис Дервишевиќ и неговите „воини“, Македонија и до година ќе игра на едно Европско првенство А Дивизија, нешто што ретко можеме да го вкусиме.

Нашата најдобра фудбалска репрезентација го освои историското трето место во Групата Г за пласман на ЕВРО 2020. Ова е најдобар пласман во нашата фудбалска историја. Репрезентативците предводени од селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев, на десет меча освоија 14 бодови. Ги победија Летонија двапати, Словенија и Израел, ремизираа со Словенија и Израел на гости, а загубија по двапати од Австрија и Полска.

На 21 март Горан Пандев го одигра 100-тиот натпревар за нашата репрезентација. Тој јубилеј го прослави со победа над Летонија од 3:1. Тоа беше првиот меч на Македонија во Г квалификациската група за ЕВРО 2020. Пандев годината ја заврши со 108 настапи и стигна до 34 гол за Македонија.

Бесар Алили е еден од оние момци кои на Македонија и донесе злато во годината што изминува. На кадетското Европско првенство во борење во Фиренца се искачи на врвот. По ова голем успех беше пречекан од голем број на граѓани на плоштадот „Скендербег“.

alili

Марко Пејчиновски дефинитивно е еден од нашите најголеми супер-херои. Ова 13-годишно момче се одлучи на неверојатен подвиг на Охридското езеро, се обиде да го преплива познатиот триаголник Охрид – Св. Наум – Струга – Охрид, во должина од 64 километри. Иако не успеа во својата мисија, сепак тој успеа да ја испрати порака. Марко пливаше од хумани причини, односно за да помогне да се подигне јавната свест и грижата за лицата со ретки болести кои секојдневно водат маратонска битка за живот.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата