Европски тренд на зголемување на старосната граница за пензионирање

Европскиот тренд на зголемување на старосната граница за пензионирање ја зафати и најмладата членка на ЕУ Хрватска, каде што, како што е вчера официјално објавено, работниците ќе се пензионираат со 67 години старост и 41 година работен стаж! Во новиот закон за труд кој треба да стапи на сила од 1 јануари наредната година, предвидено е во целосна пензија да можат да заминат и работниците кои имаат 41 година стаж а немаат наполнето 67 години.

Хрватска со оваа реформа го следи примерот на поголемите европски држави како Германија, Франција, Шпанија, Италија кои имаат сериозен проблем со стареење на населението како и намалениот наталитет кој значи намалување на работната сила. Токму таа е причината поради која европските стари нации ја зголемуваат и старосната граница за пензионирање.

Во регионот, ситуацијата е речиси иста, а стареењето на населението и белата чума ги креваат границите на пензионирање и на балканските држави. Во Србија, која исто така мака мачи со стареењето на населението, старосната граница за пензионирање е 65 години за мажи, 60 години за жени, исто како во Црна Гора. Словенците ја покачија старосната граница за пензионирање на 65 години за двата пола со минимум 15 години стаж. Пензионерите во БиХ, пак, многу веројатно е дека од наредната година ќе треба да работат до седумдесет години што се пет години повеќе од досегашната граница поради тоа што бројот на осигуреници речиси се изедначува со бројот на пензионери.

Стареењето на населението и намалениот наталитет кои ги разјадуваат општествените темели на европските држави се проблеми со кои се соочува и Република Македонија. Сепак, Владата во овие моменти не планира зголемување на старосната граница за пензионирање образложувајќи дека за разлика од други држави од регионот каде соодносот на вработени и корисници на пензија се намалува, ние имаме позитивен тек.
– Во Македонија мажите можат да се пензионираат со 64 години старост, а жените со 62 години и најмалку 15 години стаж. Во моментов не се зборува за измена на законската рамка. Соодносот на бројот на осигуреници и корисници на пензија во 2008 година изнесуваше 1.65 осигуреници на еден корисник на пензија додека во 2012 година овој сооднос е 1.78 осигуреници на еден корисник на пензија што значи дека имаме позитивен тек, вели министерот за труд Диме Спасов.
Светската економска криза ги принуди државите од европската унија да преземат рестриктивни мерки за намалување на дефицитот во пензиските фондови како замрзнување на пензиите и покачувањето на старосната граница за пензионирање. Македонскиот пензиски систем не претрпи никакви рестрикции, а пензиите на почетокот на оваа година беа зголемени за 5 отсто. (С.Р.)