Најмалку 11 лица загинаа во две експлозии во главниот град на Чад, Нџамена. Експлозиите се слушнале утринава во интервал од само неколку минути, пренесоа американските медиуми.

Според жител на Нџамена, по првата експлозија се слушнало и пукање од огнено оружје.

Меѓу 11-те жртви петмина се полицајци, информираа локалните власти.

Денешните бомбашки напади се изведени по двојниот самоубиствен напад во Нџамена од 15 јуни, кога најмалку 38 лица беа убиени и над 100 ранети. Тоа беше првиот напад од овој вид во престолнината Нџамена . Нападот беше изведен по заканите што ги упати радикалната група Боко Харам, која е стационирана во соседна Нигерија.

Засега никој не ја преезеде одговорноста за денешните експлозии, но за нив е осомничена токму групата Боко Харам, која веќе имаше нападнато села во Чад долж брегот на езерото Чад, кое ги разделува двете земји.

Вчера обвинителството во Чад информира дека по нападот од 15 јуни биле уапсени 60 лица од Чад, Камерун, Мали и Нигерија.

Чад е меѓу главните воени сојузници на Нигерија во борбата против Боко Харам, заради што групата јавно му се закани на претседателот на Чад, Идрис Деби, со одмазнички мерки, забележаа американските медиуми.