x

Најголемите трансфери според Трансфермакт во историјата на ПМФЛ: Само Тошевски со милионче

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Тримилионскиот трансфер на Давид Тошевски од Работнички во рускиот Ростов, кој е убедливо најголемиот и најскапиот во историјата на ПМФЛ, беше повод да направиме приказ или потсетување на најголемите трансфери од сезоната 1992/1993 кога се игра прволигашки фудбал во самостојна Македонија па до сега. Со оглед дека нашите клубови не излегуваат со конкретни информации за тоа колку ги „продале“ своите играчи, податоците ги “позајмивме“ од специјализираниот сајт “Трансфермаркт“, кој се бави со сумите за тоа колку се купиле или продале фудбалерите или пак колку вредат во моментов.

Веројатно табелата која долу можете да ја видите и не е 100% точна, и поради фактот дека ги нема трансферите на Пандев и Стојков во Интер пред 20 години, но сепак вреди да се потсетиме.

РОМАНТИЧАРИТЕ“ СЕ МАЈСТОРИ ЗА ГОЛЕМИ ТРАНСФЕРИ

Па така ви ги прикажуваме 15-те највисоки трансфери, и тоа според отшетата која клубовите ја добија, и тука ги сметаме само нашите фудбалери. Токму затоа не се ставени Балотели и Милисављевиќ кој од Вардар во 2017 и 2009 година, заминаа во Катар и Романија. Првиот беше продаден за 600.000 евра а вториот за 500.000.

Инаку меѓу првите четири најголеми трансфери во историјата на ПМФЛ, дури три се од Работнички. Првиот и најголем е оној на Тошевски од пред три дена за кого Ростов плати 1.000.000 евра, тука не ги сметаме оние 2.000.000 евра за мега-талентот на нашиот фудбал кој треба да ги добие на име на плати во наредните пет години. Втор е оној на Иван Тричковски кој за 750.000 евра во јануари 2008 година, беше продаден на Ц. Звезда, а трет е на Столе Димитриевски кој во јануари 2012 за 600.000 евра замина во Удинезе. Меѓу првите најголемите петнаесет од Работнички се споменува и оној на Христијан Кировски, кој во јануари 2009 година за 300.000 евра беше продаден во Васлуи. Се ова покажува дека луѓето во Работнички се вистински мајстори за големи трансфери. Прво знаат да изнедрат мега – талент, потоа на истиот да му дадат шанса во првиот тим, тој да блесне а клубот да го промовира во голема фудбалска ѕвезда. Крајот се знае, продажба за големи, големи пари за наши услови. Елиф Елмас не е на овој список, имено тој во Фенер во јули 2017 година замина како слободен играч, иако Работнички и од Дијамантот доби сосема добри пари за наши услови на име на тренинг – компензација.

ИВАНОВСКИ ДОСЕГА БЕШЕ РЕКОРДЕР

Според Трансфермакт, се до трансферот на Тошевски, најголем бил оној на Филип Ивановски кога во 2007 година од Македонија ЃП за 800.000 евра се пресели во полскиот Гродзик. Да повториме уште еднаш, ова се сумите кои беа плаќани на нашите клубови за отштета.

Вардар го има петтиот трансфер, и тоа оној на Стефан Спировски од 500.000 евра кога се пресели во Ференцварош, иако реално оваа сума беше помала, сепак оваа табела ја правиме, како што рековме, според Трансфермаркт. Ренова за овие 27-28 години направи два големи трансфери, првиот беше на Бесарт Ибраими во Шалке а вториот, оној ланскиот на Влатко Стојановски во Ним. Силекс исто има два трансфери, првиот на Срѓан Захариевски во Штутгард а вториот на Благоја Тодоровски во Динамо Букурешт. Кога сме кај Силекс го нема трансферот на Стевица Ристиќ во 2007 кога се пресели во Чонбук, а реално кратовци тогаш земаа многу, многу пари. Шкендија има четири големи трансфери, и тоа на Ферхан Хасани во Волфсбург, Висар Муслиу во Мол Фехервар, Валмир Нафиу во Базел и Енис Фазлагиќ во Жилина.

Во ова друштво е и Ндерим Неџипи, кој во јули 2001 година, за сума од 450.000 евра направи трансфер од Шкупи (тогашна Слога Ј) во Херта.

Тоа се тие најголеми, најскапи трансфери во историјата на ПМФЛ, но само еден вреди “милионче“, оној на Давид Тошевски.

ТАБЕЛА НА НАЈГОЛЕМИТЕ ТРАНСФЕРИ

1. Д.Тошевски-1.000.000 евра (Раб – Ростов) јули 2020

2. Ф.Ивановски-800.000 (МЃП – Гродзик) јануари 2007

3. И.Тричковски-750.000 (Раб – Ц. Звезда) јануари 2008

4. С.Димитриевски-600.000 (Раб – Удинезе) јануари 2012

5. С. Спировски-500.000 (Вар – Ференцварош) август 2017

6. Б. Ибраими-450.000 (Рен – Шалке) јануари 2010

7. Н. Неџипи-450.000 (Шку-Херта) јули 2001

8. С. Захариевски-400.000 (Сил-Штудгарт) јули 1999

9. Ф. Хасани-400.000 (Шке-Волфсбург) јануари 2012

10. В. Муслиу-400.000 (Шке-Мол Види) август 2019

11. В. Стојановски-300.000 (Рен-Ним) јули 2019

12. Х.Кировски-300.000 (Раб- Васлуи) јануари 2009

13. Б. Тодоровски-300.000 (Сил-Динамо Б) јануари 2008

14. В. Нафиу- 300.000 (Шке-Базел) април 2012

15. Е. Фазлагиќ-250.000 (Шке-Жилина) јули 2018

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата