Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски се наоѓа во дводневна официјална посета на мисијата УНИФИЛ во Либан. По речиси 12 години учество на нашите мировници во мисијата УНИФИЛ во Либан ова е прва посета на делегација од Република Македонија во оваа мисија предводена од Обединетите Нации-таканаречени Сини шлемови.

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор, Васко Ѓурчиновски по пристигнувањето беше пречекан со воени почести во главната команда на УНИФИЛ во базата Нагура, која се наоѓа во непосредна близина на границата на Либан со Израел. Во рамките на посетата генералот Ѓурчиновски оствари работна средба со Командантот на силите на УНИФИЛ, генерал-мајор Стефано Дел Кол од италијанската армија и заменик на директорот на мисијата од пакистанските вооружени сили, Имран Риза.

На средбата беше потенцирано несебичното залагање и професионализмот на македонските претставници во мисијата, при што е изразена благодарност за активниот придонес на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии. Зголемувањето на бројот на земјите учеснички во мисијата УНИФИЛ може само да го зголемат кредибилитетот на мисијата, а воедно и да придонесат во размената на искуства меѓу нациите, градење на меѓусебна толеранција и промоција на светскиот мир – истакна генералот Ѓурчиновски на средбата. Тој додаде дека стратешка определба на АРМ е да продолжи посветено кон градење на светскиот мир преку учество во мировни операции во земјите со цел подобрување на глобалната безбедност.

За време на посетата на мисијата, согласно програмата, началникот го посети здружено оперативниот центар на УНИФИЛ, каде извршува должности еден штабен офицер на АРМ. За време на посетата генералот Ѓурчиновски беше запознаен со ситуацијата во Јужен Либан и неговото опкружување и идните предизвици на мисијата.

Во текот на денешниот ден, Ѓурчиновски ќе ја посети и командата на секторот Запад, каде за прв пат оваа година во месец септември, Република Македонија испрати уште двајца штабни офицери кои ги извршуваат дадените задачи во мисијата во состав на италијанскиот контингент. За време на посетата генералот ќе оствари средба со командантот на сектор запад, бригадниот генерал Диодато Абагнара.

Република Македонија својот придонес во мировната операција предводена од Организацијата на Обединетите Нации во Либан, УНИФИЛ, го започна со донесување на одлука од страна на Собранието на 27 април 2007 година. Одлуката беше спроведена на ден 16 мај 2007 година. Овој придонес започна со испраќање на еден припадник на Армијата на Република Македонија на место Штабен офицер во здружениот оперативен центар во Нагура во Либан со мандат од една година. Оттогаш еве веќе 12 години во Либан се вее македонското знаме, како потврда за присуството на нашите „Сини шлемови“ во мисијата, рамо до рамо со останатите земји од Обединетите Нации, со цел обезбедување на мирот во овој дел од светот.

Во моментот во мисијата УНИФИЛ во Либан учествуваат 42 земји членки на Обединетите Нации со околу 10600 мировници. Мандатот на УНИФИЛ согласно Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите Нации е одржување на мирот во јужен Либан, превенција од евентуален конфликт помеѓу Либан и Израел и посредување во преговорите помеѓу владите на овие две земји за постигнување на посакуваната цел – мир и стабилност во регионот.

извор: Makfax