По 23-пат Македонија го доби автомобилот на годината. Вчеравечер за време на свечената манифестација во винаријата „Камник“ на која присуствуваа бројни гости, пријатели на импортерот и љубители на автомобилите, официјално беше доделена блескавата статуетка на брендот Dacia за најновиот модел на Duster.

Претседателот на стручното жири, Горан Антевски, по своето обраќање и образложување на одлуката во име на жирито му го предаде признанието на Жељко Барбарич – менаџер за продажба на групацијата „Рено“ за регионот Адриатик.

„Националното жири се раководеше од шесте критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн и комфор и опременост. Секогаш е тешко да се одбере најдобриот во сегментот на пазарот што постојано расте, но моделот Dacia Duster не е само уште едно SUV возило. Тоа е автомобил што сигурно ќе ги задоволи личните, семејните па дури и бизнис потребите. Dacia Duster се издвои според критериуми што се особено важни за македонскиот пазар, како што се адекватност и понуда на домашниот пазар, каде Dacia Duster ја направи решавачката предност“, изјави Антевски.

При преземање на наградата Барбарич изјави: „За Рено групацијата 2017 година беше исклучително важна. Алијансата со NISSAN се покажа како неверојатно успешна приказна која го осигури местото број 1 на светско ниво. Исто така, групацијата оствари 4 рекорди по број на продадени возила, вкупни приходи, нето добивки и оперативна маржа. Со модели како што е новиот Dacia Duster и вакви партнери во Македонија како ‘Аутомотив Груп’ сигурен сум дека пред нас се нови рекорди“.

За време на свечената манифестација беше доделено и признанието „Томислав Билљарац“ за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија на Владимир Воиновски од „Еуроимпекс“.

извор: Makfax