Скопје викендов ќе биде домаќин на најдобрите лизгачи од регионот кои ќе настапат на третиот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Skopje on ICE 2019“. Настанот кој е во организација на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија ќе се одржи на 22 и 23 февруари (петок и сабота) на лизгалиштето во СРЦ „Борис Трајковски“. Љубителите на уметничкото лизгање ќе имаат можност да уживаат во уметноста на мразот на повеќе од 70 натпреварувачи од Северна Македонија, Србија и Бугарија.

„Нашите очекувања како организатори се овој натпревар да прерасне во традиција, сите спортисти да ги подобрат своите лични резултати, а пред сè да покажеме зрелост, волја и талент и во иднина уметничкото лизгање како спорт да стане традиција. Нашата желба е преку вакви натпреварувања да покажеме дека нѝ се потребни подобри услови за тренирање на овој спорт преку изградба на затворено лизгалиште“, изјави Цветанка Марковска претседател на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија.

На „Skopje on ICE 2019“ ќе учествуваат натпреварувачи на возраст од 5 до 25 години кои ќе бидат поделени во пет категории: кадети, кадети Б и Ц, млади јуниори, јуниори и сениори. Натпреварот ќе биде поделен во два дена. Во петок своите вештини на мразот ќе ги покажат учесниците во интерпретативните категории, додека саботата ќе биде посветена на натпреварувачките категории. За значењето на натпреварот говори фактот што ќе се одвива по критериуми и правила стандардизирани од Меѓународната унија на уметничко лизгање (ISU).

Со цел натпреварот да биде достапен за сите кои сакаат да уживаат во уметноста на мразот во СРЦ „Борис Трајковски“, влезот и двата дена ќе биде слободен. Настанот е поддржан од Агенцијата за млади и спорт, како и од повеќе приватни компании.

извор: Makfax