Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, денеска од пред Министерството за одбрана ја обвини министерката Радмила Шекеринска дека го загрозува угледот кој Армијата во земјата, а министерството го тресе скандал по испраќањето на последната воена мисија во Авганистан.

„Со лична, партиска и политичка, а не професионална одлука, Шекеринска упати несоодветен персонал во последната мировна мисија. За тоа колку е мотивиран и професионален персоналот што го испраќа во Авганистан говори и фактот што дел од кандидатите воопшто не биле заинтересирани, ниту се јавиле на конкурсот распишан од министерството“, вели Нацев.

Тој рече дека дел од кандидатите кои Шекеринска ги испратила ги немале поминато здравствените и физичките тестови предвидени со конкурсот, ниту за нив била направена проверка дали ги поседуваат соодветните НАТО сертификати, ниту е утврдено дали го познаваат англискиот јазик на неопходното ниво од 70 проценти.

„Да се исфрлаат професионалци кои го минале конкурсот и на нивно место да се ставаат партиски послушници е огромен удар врз армијата. Не само што ги демотивира професионалците кои сакаат и можат да одговорат на задачите, туку заради несоодветната селекција ги доведува во ризик сите членови на мировната мисија во Авганистан, вклучувајќи ги и нашите партнери. Дали за министерката за одбрана е доволно нејзиниот кандидат да е само партиски активист на СДСМ или да е дел од коалицијата на власт?“, рече Нацев.

Тој оцени дека ваквиот однос на Шекеринска кон армијата е продолжение на нејзиниот предлог за дополна и измена на законот за служба во Армијата во делот на поставување и унапредување на офицери во повисоки чинови. Со тој предлог, вели Нацев, Шекеринска би го заокружила целокупниот процес на партизација на Армискиот состав, односно, директно врши упад во системот на командување и контрола на Генералштабот во Армијата.

ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство и надлежните институции да ги испитаат сите овие наводи.

извор: Makfax