Денеска (12 ч.) ќе почнат подготовките на фудбалската репрезентација на Македонија за пријателската средба против Бугарија, што ќе се одигра на 1 март (17 ч.) на Градскиот стадион во Скопје. Средбата на “црвено-жолтите” ја преокупира нашата спортска јавност, бидејќи ќе претставува деби на новиот селектор Сречко Катанец. “Контролката”, сепак, има голема специфична тежина, затоа што ќе претставува првичен увид на словенечкиот стартег во квалитетите на македонските фудбалери. Од друга страна, тоа е шанса и за репрезентативците да се наметнат кај новиот селектор и да земат учество во скелетот на екипата за претстојните квалификации, што според зборовите на Катанец ќе го сочинуваат 14 до 15 играчи.
За своето деби на клупата на Македонија селекторот Сречко Катанец нема да ги има на увид сите кандидати за црвено-жолтиот дрес. На списокот на повиканите резпрезентативци поради повреди не се најдоа Артим Шаќири (Алборг), Александар Митревски (Грасхоперс) и Роберт Попов (Литекс). По саботните средби следуваше и првиот отказ од репрезентативците. Напаѓачот на австрискиот Матерсбург, Илчо Наумовски, кој се жали на настинка го откажа настапот на натпреварот против Бугарите.
За тоа кој ќе биде негова замена требаше доцна синоќа по доаѓањето во Скопје (околу 17 ч.) да реши селекторот Катанец. (С.Д.)