x

НАТПРЕВАР НА ДЕНОТ: Алиоски и Лидс бараат чудо на „Олд Трафорд“

mec-na-denot-fernandes-alioski

Лидс се врати во Премиер лигата по долго чекање и сака да остави впечаток, односно да си го сочува реномето на еден од најпопуларните англиски клубови. Со одличен играчки кадар и одличен наставник во Марсело Биелса четата од Јоркшир добро се држи, со скор 5-2-6 го држи 13-тото место на табелата во Премиер лигата. Пред неколку денови го победија Њукасл со 5:3 и со добро расположение одат на „Олд Трафорд“ на мегдан со големиот Манчестер Јунајтед. На дуелот со „страчките“ еден гол постигна и македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски и тој стана првиот македонски фудбалер кој реализирал гол во Премиер лигата по Ѓорѓи Христов во април 1998 година кој стрелаше за Барнсли против Лидс.

Манчестер Јунајтед не загубил лигашки дуел против Лидс на домашен терен уште од 1981 година и има ефект од девет победи и шест нерешени. А денеска ќе го одиграат првиот меѓусебен меч по февруари 2004 година.

Лидс го има Патрик Бамфорд кој реализира девет гола во 13-те премиерлигашки дуели во дресот на Лидс. А Биелса два пати го победил Манчестер Јунајтед во кариерата и тоа дома и во гости како тренер на Атлетик Билбао во осминафиналето на Лига Европа во сезоната 2011/12.

Кај Манчестер се враќа Единсон Кавани како и Де Геа, Мектомини кои одмараа против Шефилд Јунајтед минатото коло. Кај Лидс ќе ги нема Диего Љоренте, како и Берарди, Форшоу и Робин Кох.

Овој натпревар се игра на 90-годишнината на највисоката победа на Лидс над Манчестер Јунајтед со 5:0 на „Еланд роуд“ во далечната 1930 година.

ПРЕМИЕР ЛИГА, 14.КОЛО
МАН.ЈУНАЈТЕД – ЛИДС ЈУНАЈТЕД
Недела, 17:30 ч.

Standings provided by SofaScore LiveScore

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата