Северноатланската алијанса по повод, како што велат од таму, петгодишнината од анексијата на Крим од страна на Русија, во соопштение оцени дека овој чин претставува кршење на меѓународното право и голем предизвик за евроатлантската безбедност.

„Силно го осудуваме овој чин кој не го признаваме, ниту некогаш ќе го признаеме. Ја повикуваме Русија, да го врати Крим под контрола на Украина“, се вели во официјалното соопштение на НАТО.

Во него, членките на НАТО ја потврдуваат својата целосна посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како што се вели, во рамки на меѓународно признатите граници и територијални води.

„Крим е територијата на Украина“, јасно се наведува во соопштението.

Алијансата исто така изразува длабока загриженост во врска со кршењето на човековите права кое, како што се истакнува, руските власти де факто го спроведуваат врз нелегално присвоениот Крим и тоа против Украинците, кримските Татари и припадниците на локалните заедници.

Во меѓувреме, и покрај ваквите меѓународни реакции, рускиот претседател Владимир Путин денеска отвори две нови електрани на Крим, откако на полуостровот во Црното Море пристигна за да ја одбележи, како што се вели, петгодишнината од повторното спојување на оваа области со Русија.

Централите кои се наоѓаат во градовите на Севастопољ и Симферопољ, делумно беа стартувани минатата година, но денешната свеченост го означи моментот кога тие почнуваа да работат со полн капацитет.

Претходно, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, изјави дека церемонијата ќе покаже дека Крим конечно е во можност во целост да ги исполни своите енергетски потреби. Пред преземањето, Украина задоволувала 80 отсто од побарувачката за електрична енергија на полуостровот.

Украина сака да да го добие назад полуостровот, која и натаму од повеќето земји е признаен како украинска територија, пишува агенцијата „Ројтерс“.

извор: Makfax