На само неколку дена пред стартот на одложената учебна 2020/2021 година, и родителите и учениците, но и самите наставници се уште се во неизвесност како ќе стартува целиот процес со онлајн образованието. Голем дел од наставниот кадар кој е пред крај на својот работен век наиде на сериозни потешкотии со усвојување на новите технологии, и тие наставници се сериозно исплашени дали ќе успеат да одговорат на предизвикот за успешно реализирање на наставата. Но, во разговор за Фактор, еден од националните обучувачи за онлајн платформата, наставничката Алакесандра Блажевска нагласува дека во ова време на кризата со епидемијата, наметнато е да учиме нови вештини, а тоа мора да биде предизвик за сите ако сакаме да имаме успешни генерации млади луѓе, не само кај нас, туку и во светот воопшто.

Во однос на предизвиците, таа нагласува дека само за 48 часа успеале да подготват пишан материјал од отприлика 260 слајда за сите чекори во користењето на платформата како и околу 25 видео упатства на сите наставни јазици. За подготвениот материјал, како што појаснува, а особено за видео упатствата имале одлична повратна информација од сите 1200 училишни обучувачи на кои им ги презентирале.Истовремено Блажевска вели дека платформата е навистина многу лесна за ракување.

Тоа што посебно истакнува е дека наставниците ќе бидат на своите работни места и практично ќе предаваат од училница и покрај тоа што изминатата недела од СОНК беше укажано дека сите училишта немаат соодветна опрема за online

-Да наставниците ќе предаваат од училиште. Моето училиште Јан Амос Коменски има услови, како и повеќето училишта во Карпош, но каква е ситуацијата во другите училишта навистина не би можела да одговорам. Тоа е работа на општините и директорите. Знам дека наставниците како и родителите и учениците се збунети и можеби исплашени како сето ова ќе профункционирано би сакала да истакнам дека за се треба трпение и стратегија. Стратегија имаме, трпението зависи од сите нас, чинителите во образовниот процес. Сиугурна сум дека ова ќе успее само доколку секој даде максимум во својот микросвет на делување. Да, ќе има проблеми и истите ќе се надминуваат впрочем како и во секој нова работа тоа е нормално, нема да стартува идеално секаде и илузорно е да веруваме дека така може да биде. Само треба да бидеме оптимисти и да вложиме максимум за да може ефективно да ја реализираме наставата. И За крај, сакам да посочам на фактот дека во моментов сите наставници во РСМ ќе ја реализираат наставата со опрема која сами си ја обезбедиле од својот џеб. Лично сметам дека во ниту една друга државна институција вработените не си ги носат сопствените компјутери за да ги извршуваат работните обврски, вели наставничката Блажевска, еден од националните обучувачи за онлајн платформата.

Повеќе на Фактор