Зимскиот распуст не треба да почне на 15 декември, бидејќи засега нема драстичен раст на бројките на позитивни наставници и ученици во училиштата. За да има логика да се скрати наставата и распустот да почне порано, треба да се приложат аргументи, вели Министерката за образование и наука, Мила Царовска.

„Зошто дополнително би им скратиле настава на учениците, којашто во континуитет се одвива, без да има ескалација на заразени во училиштата. Под 1 процент од вкупниот број на наставници се позитивни, а помалку од 0,06 проценти од учениците. Тоа укажува дека согласно планот по кој се одвива наставата од први октомври, наставата треба да продолжи, се додека состојбата не се промени драстично“, рече Царовска во гостување на Телевизија 24.

Приоритет во реформите има основното образование, формирани се работни групи, а новата концепција на основно образование од прво до деветто одделение очекувам да стартува од учебната 2021/2022, истакна министерката .

– Пред да ја почнеме реформата направивме истражување во кое се вклучија околу 5.000 наставници и укажаа дека наставните програми треба да содржат промена којашто ќе го отсликува секојдневното живеење. Тоа укажува дека она што се учи во училиште учениците не го поврзуваат со секојдневното живеење, што е тенденција во цел свет. Затоа нашите ученици на ПИСА или на ПИРЛС имаат пониски резултати, затоа што знаењето не е врзано во контекст, рече Царовска.

Меѓувреме наставниците започнаа со оценување на учениците, процес што треба да заврши до 20 – ти ноември. Оценувањето се препорачува да се направи преку Интернет, како што е и наставниот процес.

Според последниот извештај бројката на активни случаи на наставници кои биле со физичко присуство на настава е 280. Царовска ги негираше тврдењата на СОНК дека во моментот има над 1 000 заразени наставници.