Уставниот суд донесе решение за исплата на субвенции, а конечна одлука се очекува да биде донесена денеска. Земјоделците со нетрпение ги чекаат субвенциите чија исплата годинава наиде на неколку пречки. Најпрвин беше замрзната поради најавата за избори, потоа се чекаше да завршат сите формалности околу назначување на новиот директор на Платежната агенција и, на крајот, последната пречка беше колизијата на Законот за земјоделство и рурален развој и Законот за избори.

Како што информираа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во буџетот има пари за исплата на субвенции и оти се чека да се надмине последната пречка и потпис од финансии. Од Министерството за финансии го потврдија ова и појаснија дека само по основ на решение на Уставен суд немаат законска основа да ги исплаќаат субвенциите, туку согласно деловникот на судот мораат да почекаат носење конечна одлука која се очекува денеска. По официјално објавување на конечната одлука на Уставниот суд, од финансии велат дека ќе пристапат кон исплата на субвенциите.

Државата на некои земјоделци им должи субвенции за 2014 и 2015 година и скоро на сите за 2016 година. Дел од лозарите и оризопроизводителите добиле субвенции, но останатото треба да се заврши до последниот рок, 30 јуни.

За 2014 година исплатени се 104 милиони евра директни субвенции, за 2015 година се исплатени 103 милиони евра. Во 2016 се исплатени 90 милиони евра поради ребалансот на буџетот за поплавите, но во тие пари се и субвенции за 2015. Според податоците на МЗШВ за 2015 година земјоделците треба да добијат околу еден милион евра, а за 2016 година, уште околу 60 милиони евра.

Според директорот на Платежната агенција, Игор Златков најпрво ќе се реализираат субвенциите од 2015 година чија исплата не е заборавена, туку е забавена поради контролите. Станува збор за многу мал процент за градинарство, поледелство, лозарство, овоштарство, овчарство, сертифицирано семе и саден материјал, говедарство, козарство, свињарство, пчеларство и живинарство.

– Субвенциите од 2015 година кои сега ќе се реализираат, не се заборавени исплати, туку се исплати кои биле предмет на контрола. Платежната агенција исплаќа поддршка само врз основа на направена контрола. Тоа значи дека ако некој предал жито, млеко,…, ние треба да појдеме на терен, да провериме кај се тие документи, каде производителот предал, во кое откупно претпријатие, па дури тогаш правиме налог за исплата. Оттука, сите останати субвенции од 2015 година биле предмет на контрола, а процесот се одолговлекол зашто лицата кај кои е вршена проверка или не биле дома или ја немале комплетната документација…, објасни директорот.

Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, Платежната агенција е обврзана до 30 јуни тековната година да ги префрли субвенциите од претходната реколта.

(А.С)