Денеска потпретседателот на Здружението на борците на ОВК, Насим Харадинај, ќе биде изведен пред судија на претходна постапка на Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, за да се изјасни за обвинението за кое се товари и за сомнеж  за заплашување на сведоците и повреда на тајноста на постапката.

Тој беше уапсен на Косово минатата недела и беше пренесен во одделот за притвор на Специјализираните совети.

Харадинај се товари за обид за заплашување сведоци, одмазда против сведоци и повреда на тајноста на постапката со објавување на информации од истрагата и имиња на потенцијални сведоци.

Во потерницата за апсењето се наведува дека Харадинај одржувал прес-конференции на 7, 16 и 22 септември, каде што споделувал или на друг начин им ги ставал на располагање на медиумите тајни и доверливи информации и документи во врска со работата на Специјализираниот обвинител на Косово каде што тој именувал индивидуални (потенцијални) сведоци и дал информации во врска со нивната локација и други лични информации

Според обвинителот, ова однесување претставува сериозна закана, односно средство за принудување на сведоци, со цел да се одвратат да сведочат или да ги убедат да дадат лажна изјава пред обвинителот и судот.