Повеќе од 150 лица се уапсени во Лондон во текот на вчерашниот ден за време на протестите организирани против рестриктивните мерки насочени кон спречување на натамошното ширење на пандемијата.

Апсењата следеа затоа што демонстрантите извршија голем број прекршувања, вклучително и „кршење на ограничувачките мерки донесени за сузбивање на ширењето на коронавирусот“, објави лондонската полиција.

Полицијата претходно ги повика граѓаните да не излегуваат на демонстрациите, чие одржување е забрането поради затворање на целата земја.

„Очекуваме да се зголеми бројот на приведени“, се вели во соопштението на полицијата.

Протести против ограничувачките мерки на германско-полската граница

Во придружба на бројни припадници на полицијата, се одржа протест во Франкфур на Одра на границата со Полска, против ограничувачките мерки воведени со цел да се потисне натамошното ширење на пандемијата.

 Според полицијата, околу 1.500 демонстранти учествувале во демонстрациите организирани од иницијативата „Кверденкен“, кои заедно со истомисленици од Полска се изјасниле дека бараат став што ги рефлектира „мирот и слободата“.

И во Хрватска

Демонстранти против новите мерки се собраа во поголемите хрватски градови.

Ги имаше во Загреб, Сплит, Риека, Осијек, Задар и Шибеник, но во мал број. Полицијата го следеше секој од овие протести.