Училиштата не смеат да им наплаќат на учениците за издавање сведителство за завршено образование, соопштија денеска од канцеларијата на Народниот правобранител, од каде потенцираат дека според Законот за основно образование и Законот за средно образование секое дете има право на бесплатно основно воспитание и образование. Истото право како што велат од Омбудсманот важи и за средното образование кое е задолжително за секој граѓанин.

– Со оглед дека учебната година заврши, a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои пак, се неопходна документација за запишување, односно продолжување на образованието, Народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства, се вели во соопштението на Народниот правобранител.

Во тој контекст, Народниот правобранител ги охрабрува учениците, односно нивните родители/старатели таквите случаи на наплата што се вршат спротивно на закон да ги пријават во Државниот просветен инспекторат или кај Народниот правобранител. Воедно апелира од страна на овој орган кој врши контрола над работата на училиштата и остварувањето на правата во областа на образованието соодветно да реагира за да ги спречи ваквите незаконски наплати и  тие да се санкционираат.

ТВ21 вчера извести дека некои наставници на учениците од основните и средни училишта во Северна Македонија им посочиле дека за пополнување на свидетелствата се наплаќа 50 денари, иако се тие бесплатни и ги плаќа МОН.