“Фатос Нано не може да биде претседател, бидејќи тој не го заслужува тоа”, рече албанскиот премиер и лидер на владејачката демократска партија, Сали Бериша. Овие коментари на Бериша следеа по најавите на потпретседателот на социјалистите Пандели Мајко, дека новиот претседател на Албанија ќе биде поранешниот премиер, Фатос Нано. “Ние не се согласуваме со овие најави”, рече албанскиот премиер, кој додаде дека и покрај тоа што неговата партија во Парламентот има мнозинство и може да избере претседател, тие сепак ќе преговараат и со другите парламентарни партии и нема да ја прифатат кандидатурата на Нано. Иако Нано има голема поддршка во неговата партија, тој деновиве наидува и на негативен одзив кај демократите, а потврда за тоа е и најновата иницијатива на албанската влада, да се истражува сопственоста и неговиот имот во Грција. Во Албанија, новиот претседател треба да се избере во 2007 година, а според уставот, него го избира Собранието. (Макфакс)