Наместо реванш само реми
БИТОЛА.- Спортска сала “Младост”. Гледачи. 5.000. Судии: Оје и Тогстад од Норвешка. Седмерци: Македонија 5 (4), БиХ 3 (3). Исклучвања: Македонија: 12, БиХ 10 мин. Црвен картон: Вујадиновиќ (БиХ). МАКЕДОНИЈА: Ангелов (21 одбрана), Мисовски, Миркуловски, Мајнов, Анастасовски 2, Алушевски 2, Лазаров 9, Атанасовски 4, Марковски, Ѓорѓоновски, Јовиќ 5, Мојсоски 3, Димовски 2, Стојановиќ 1. БиХ: Тахировиќ (18 одбрани), Почуча, Салкиќ, Јакшиќ, Малешевиќ 1, Чавар 1, Мартиновиќ 3, Доборац 6, Башиќ 5, Чачиќ, Торомановиќ 5, Бахтијаревиќ 5, Вујадиновиќ 2. Македонија со нерешен резултат ги заврши претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2006 г. Во Битола против репрезентацијата на Босна одигравме само 28:28, но и бодот беше доволен за освојување на првото место во групата со што влегуваме во вториот шешир за баражот. Сепак, изостана посакуваниот реванш за поразот од првиот натпревар со Босанците во Горажде. Се чинеше дека можеме лесно да дојдеме до победата, кога на двапати, македонските ракометари имаа пет голови предност, но поради грешки и недисциплина во играта, им дозволија на Босанците да се вратат во игра. Единствена свеста точка во нашите редови беше голманот Ангелов со своите успешни одбрани и капитенот Лазаров, кој беше најефикасен на средбата. – Посакувавме да им се реваншираме на Босанците, но, изгоревме во таа желба и игравме под своите можности. Им дозволивме на Босанците лесно да постигнуваат голови, а ние брзоплето ги губевме топките. Се почувствува отстуството на Бранко Ангеловски, кој беше повреден на првата средба, но, сепак, морам да им честитам на сите ракометари, бидејќи храбро го издржаа овој циклус и успеаја да бидат први, иако играњето среда-сабота беше напорно. Морам да напоменам дека и несериозните изјави од некои членови на УО на РФМ придонесоа за мала раздор во репрезентацијата, изјави по средбата в. д селекторот Столе Петрушевски. Селекторот на БиХ Касим Каменица, кој им е добро познат на битолските љубители на ракометот, бидејќи неколку години беше тренер на Пелистер, изјави: – Ова е наше прво учество во вакво натпреварување, а на Македонија трето. Предноста беше на нивна страна, но, сепак, ние добро одигравме. Во Битола ни недостигаше храброст и подобра контрола на играта на неколку пати. Но, и вака се заврши добро и јас сум среќен како и сите мои ракометари за постигнатиот добар резултат. (С.Р.)