Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема да им ги даде бараните околу 45 милиони евра на живинарските фарми поради претрпените штети по најавите дека има можност во земјава да има птичји грип, што резултираше со намален промет. Наместо тоа, Министерството ќе се заложи да им помогне да го обноват извозот на јајца во Косово, БиХ и Хрватска, со што би се намалил притисокот на домашниот пазар. За таа цел, ресорниот министер Садула Дураку првата средба ќе ја има со неговиот косовски колега, токму за обновување на извозот.
Ова е договорено на вчерашната средба во ова министерство Дураку со преставници од Групацијата за живинарство, каде било разговарано и биле побарани модуси и за тоа како да се компензираат веќе направените штети, што не мора да биде само со готови пари. На средбата станало збор и за враќањето на довербата на купувачите во квалитетот на јајцата и пилешкото месо.
Во моментов, како што било посочено на средбата, има залихи од 12.000 картони со по 360 јајца што се чуваат во ладилници. Поради неможноста за прехранување на живината предизвикана од финансиските тешкотии, во тек е реализацијата на одлуката за намалување на бројот на кокошките за 30 отсто со нивно колење.(С. Бл.)