Почна амандманската расправа во Собранието

Со амандмански интервенции и опозициска расправа за Деловникот почна комисискиот претрес на амандманите на законите за аудиовизуелни услуги и за медиуми. Подобрен е текстот на законите во казнените и преодните одредби кои се направени во забелешките на приватните телевизии. Во Законот за медиуми има подобрувања по забелешките на МАН. Усвоени се амандманите кои ќе овозможат поголема социјална и правна сигурност на новинарите и уредниците. Прифатени се забелешките за намалување на 10-те часа документарна и играна македонска програма за која е определена глоба од 100.000 евра, а нема намалување на предвидените 8 часа македонска музика. Сепак, прифатено е и вкупно 10% од програмата на телевизиите да бидат европски аудиовизуелни добра од независни продукции наместо предвидените 51 со 10%.
– Овој амандман се прифати имајќи го предвид развојот на медиумскиот сектор кој е направен во изминатите неколку години. Технологијата брзо се шири и се развива, па голем број наши уметници снимаат албуми надвор од територијата на нашата држава на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници, истакна министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, образложувајќи го предлог-амандманот кој се однесува на обврската радиодифузерите да емитуваат најмалку 8 часа македонска изворна музика. Додаде дека доколку првичниот член не се сменеше, делата на овие уметници немаше да бидат дел од квотата од 30 проценти за задолжително пуштање македонски содржини, 40 следната година, а потоа по 50 проценти, а за јавниот радиодифузен сервис тие квоти се поголеми.
– Има голем број уметници кои се обратија кај нас и дадоа забелешки за причините зошто снимаат во другите земји. Тие имаат поголеми поволности во тие земји и покреативни менаџери коишто можат да им ја направат оваа музика. Ако се ограничеше само за дела произведени во Република Македонија, нивната музика ќе беше ограничена да се емитува, објасни Иванов.

Пред почетокот на расправата опозицијата укажа дека е невозможно да се разгледаат сите амандмани за само три дена, колку што е предвидено со деловникот.
– Со оглед на новиот деловник според кој оваа комисија треба да заврши за три дена и со оглед дека има 94 амандмани поднесени од опозицијата и од власта, а за еден амандман ќе се дебатира минимум десет минути, нема реална можност комисијата да заврши за три дена. Затоа прашувам што ќе биде? Ако очекувано останат 20 амандмани непоминати, рече пратеникот на СДСМ Благоја Стојановски.

Јани Макрадули обвини дека работата на Собранието се регулира по непишани правила и даде гаранција дека пратеничката група на опозицијата нема да ги блокира законите за медиуми ако деловникот се прецизира.
– Ве замолувам не кршете го деловникот, гарантирам дека нема да го блокираме законот. Повлечете ја вашата интерпретација на деловникот, качете се во кабинетот кај Трајко Вељаноски и направете консултација за да го појасните деловникот, рече пратеникот на СДСМ Јани Макрадули.

Но, и покрај барањата да се расчистат недореченостите, претседавачот на комисијата одлучи да ја продолжи расправата по Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиуми по која, откако ќе се исцрпат амандманите, или откако ќе поминат три дена, ќе се расправа за Предлог-законот за медиуми.

Расправата продолжува попладнево по амандманите на опозицијата кои се повеќе 100 поднесени во Собранието.

(Ал.С)