Наместо на студии, Ристе Тевдовски очигледно замина за Америка за да стане хокеар?! Шегата настрана, пред речиси еден месец, музичарот на покана на еден Универзитет од Мичиген замина на мастер студии по кларинет. Засега вели се одело како што треба, а освен за учење наоѓал време и за да прошета и ужива во она што отсекогаш му се допаѓало.

Една од работите во која се труди да ужива до максимум е хокејот, кој судејќи според фотките што ги објавува на социјалните мрежи ептен му легнал. Па којзнае ако не му тргне со музиката, може ќе му успее да стане дел од омилениот тим Ред Њингс. Опремата е веќе набавена, тренинзите напорни, па ништо чудно Ричи од виртуоз на кларинет да се “прешалта” во виртуоз на мраз.

И додека размислува за која професија ќе се одлучи – хокеар или музичар, Ристе не ги пропушта настапите пред нашите иселеници во САД, веќе имал и неколку свирки, како онаа заедничката со битолчаните Анета и Молика кои се на неколкумесечна турнеја.

(Е.К.)