Хрватскиот премиер, Зоран Милановиќ, завчера најави намалување од три отсто на платите на 230.00 вработени во јавниот сектор за да не дојде до масовно отпуштање на работниците. Иако новата хрватска влада ветуваше дека нема да дојде до намалување на платите и пензиите во скоро време, најверојатно од април ќе стапи на сила одлуката со којашто ќе им бидат намалени бруто-платите на сите вработени во јавниот сектор, освен на професорите и учителите, јавуваат хрватските медиуми.

Гневот на вработените во јавниот сектор го зголемува фактот што тие веќе не ги уживаат правата на регрес, награда за Божиќ, пакетчиња за децата, јубилејни награди, а од друга
страна Владата ги покачува платите на директорите на новоформираните агенции под нејзина капа.

Ден претходно, пак, министерот за финансии, Славко Линиќ ги предупреди Хрватите дека имаат една година да се справат со минусите на банковните сметки, бидејќи тогаш стапува на сила новиот Закон за потрошувачки кредити со којшто дозволениот банкарски минус наместо три плати ќе изнесува една. Оваа одлука на Владата тој ја поткрепи со изјавата дека неговата работа е да стори се што може граѓаните да не можат да се задолжуваат на три месечни плати, бидејќи тој долг никогаш нема да можат да го вратат со оглед на висината на каматите што ги пресметуваат банките”.

Ова е само потврда дека владата на Хрватска спроведува неуспешна економска политика, коментираат медиумите во Хрватска, повикувајќи се на анализи на економските експерти.
– Верувајте, никој не оди во минус од три плати со толкави високи камати затоа што сака, туку едноставно затоа што животот го натерал, смета поранешниот министер за финансии Игор Шукер и додава дека на тој начин оваа влада само се обидува да си ги измие рацете.