НАМАЛУВАЊЕ НА ПЕРСОНАЛЕЦОТ И ПРИДОНЕСИТЕ
Персоналниот данок од доход и зафаќањата врз основа на придонеси од плата, со новиот аранжман од Меѓународниот монетарен фонд кој Македонија, најверојатно, ќе го добие во јуни годинава (а не напролет како што беше најавено), ќе претрпат измени, односно ќе се намалат. Ова прашање, како што дознава “Вечер” од извори од преговарачкиот тим, било отворено на неодамна завршената октомвриска рунда преговори со мисијата на ММФ за новиот тригодишен реформски аранжман. Нашите извори велат дека Мисијата и забележала на македонската Влада дека персоналниот данок од доход како и придонесите што се плаќаат на плата се високи и и препорачала да направи проекција за нивно намалување. Нашите извори велат дека е се уште рано да се каже колку процентуално ќе изнесува намалувањето до кое сигурно ќе дојде, бидејќи во моментов надлежните институции поточно Министерството за финансии и Управата за јавни приходи работат на повеќе варијанти. Која од нив ќе се прифати, ќе се знае во јануари кога мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе дојде повторно на преговори. На јануарската сесија ова прашање ќе биде прецизирано и ќе се испеглаат варијантите кои ќе ги предложиме ние и тимот на Фондот. Се дознава дека ММФ смета дека овие зафаќања се превисоки и дека со нив се оптоваруваат сите правни субјекти. Во моментов тие вкупно изнесуваат меѓу 65 и 70 отсто од бруто-основицата од плата, или на име на персонален данок се плаќа стапка од 15 до 18 отсто, додека на име на придонеси се одбиваат околу 31 отсто. Поточно, за секој вработен на име на придонес за пензиско и инвалидско осигурување се плаќа 21,2 отсто, за придонес за здравство се одбиваат 9,2 отсто и на име на придонес за вработување секој месец се одбиваат по 1,6 отсто. Намалувањето на персоналецот и придонесите од плата, како што дознаваме, е една од 170-те реформски мерки што ги најави министерот за финансии Никола Поповски, од кои добар дел ќе бидат, како што најави тој, составен дел на новиот аранжман. Нашите извори велат дека оваа мерка ќе биде и еден од најголемите реформски чекори што Владата планира да ги направи во наредните три години колку што се предвидува да трае новиот аранжман.
ВЕСНА М. БОЖИНОВСКА