Намалување на “дивото” вработување
Новиот Закон за работни односи кој дава повеќе заштитни мерки за работниците, особено во делот на пречекорувањето на работното време од неделава, веќе е во сила. Со него трудовите инспектори освен што можат да изрекуваат мандатни казни, ќе имаат одврзани раце да издаваат и забрани за вршење на дејност на фирми кај кои ќе затечат непријавени работници, ако редовно не исплатуваат плати, го злоупотребуваат работното време и ако немаат инсталирано апарат за електронско мерење на полното и прекувременото работното време по први јануари 2006 година… Работодавачите на работниците што работат прекувремено, мора да им исплати и до 35 отсто повисоки плати, додека 13 плата ќе добијат оние работници кои во текот на годината работеле прекувремено над 150 часа.
Се очекува решенијата што ги нуди новиот закон да го намалат “дивото” вработување. Покрај неопределеното или определеното вработување (до четири години), се овозможуваат и договори за работа со скратено работно време (парт-тајм) кај еден или повеќе работодавачи, потоа пробна работа до шест месеци, работење од дома, вработување на куќни помошнички и волонтирање. Годишните одмори ќе траат од 20 до 26 дена, боледувањата на товар на работодавецот ќе бидат до 21 ден, а неплатеното отсуство ќе се толерира до три месеци. Се укинува бодирањето при прогласување на технолошки вишок, а за време на штрајк, работодавачот и работниците ќе се договорат за местото каде што ќе се одвива, но не смее да биде пред влезот на фирмата и не смее да се попречуваат оние што сакаат да работат. Притоа, работодавачот има обврска на штрајкувачите да им ги исплати придонесите на минимален износ, а организаторот на штрајкот – надоместокот на плата.
Светлана БЛАЖЕВСКА