Мерката што ја презеде Владата за намалување на акцизата на горивата ќе ја чини земјава околу 10 милиони евра, но ќе им помогне на многу фирми да опстанат овој период, како и да се намали цената на храната. Ова го изјави премиерот Никола Груевски по посетата на Факултетот за бизнис администрација во Куманово, дел од тетовскиот државен универзитет, по промоцијата на 15 нови наслови од проектот Илјада преведени книги од десетте најдобри универзитети на кои се учи во светот”.

Тој посочи дека македонската Влада е една од ретките која презема повеќе мерки за ублажување на ценовниот шок предизвикан од енормниот раст на цената на нафтата и храната на светските берзи и додаде дека мерките во Македонија се најголеми во регионот, како по број, така и по нивната висина.
– Веќе пуштивме од стоковите резерви 40 илјади тони пченица по цена далеку пониска од пазарната, донесовме одлука за забрана на извоз на брашно, а ја намаливме и акцизата на нафтените деривати со цел да им се помогне на граѓаните и на компаниите во наредните неколку месеци да ги ублажат нивните трошоци – истакна Груевски.

Тој потсети дека Владата уште во 2008 година презела редица мерки за ублажување на состојбата поради светскиот ценовен шок што тогаш ги предизвикаа нафтата и храната, како и низа активности за време на светската економска криза во 2009 и 2010 година, а како што нагласи тоа го прави и годинава поради новиот ценовен шок предизвикан, исто така, од нафтата и храната.