Повеќе од 20 лица се убиени, а најмалку 55 ранети при денешните вооружени судири меѓу авганистанските сили и талибанците, кои нападнале полициски штаб во северниот дел на земјата, изјавија официјални лица.

Нападот врз полициската станица започнал така што најпрво еден припадник на талибанците активирал експлозивна направа и се разенл во своето возило, овозможувајќи им на своите соборци да влезат во објектот.

„Тринаесет полицајци беа убиени, а 35 се повредени“, рече портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан, Насрат Рахими, додавајќи дека во судирите биле повредени уште 20 цивили.

Според Рахими, нападот врз полициската станица бил завршен со смрт на сите деветмина талибански напаѓачи кои биле убиени, вклучувајќи ја и смртта на бомбашот-самоубиец, објави „Ројтерс“.

Претставник на медицинските служби рече дека меѓу цивилите кои настрадале за време вооружениот судир биле и жени и деца.

извор: Makfax