Последните податоци околу половата структура на МВР покажуваат дека над четвртина од вработените во институцијата се жени. Ова го истакна дополнителниот заменик на министер во институцијата, Славјанка Петровска во пресрет на Меѓународниот ден на жената на јавна дебата ,,Улогата на жената во безбедносниот систем“ што се одржа во Полициското одделение во Теарце.

Сепак како што кажа Петровска, по однос на систематизациската застапеност на овластени службени лица, полициски службеници, државни службеници и административен персонал се уште постојат евидентни разлики, независно што жените заземаат и некои од клучните позиции во управувањето со организициската структура на министерството.

„Не треба да се има дилема дека улогата на жената во полицијата и полициското работење е извонредно важна конечно женската популација, согласно квалификативите, но и благодарение на оној посебен сензибилитет и перцептивност , како препознатливи својства на женската популација, а особено важно во процесите на креирање и донесување одлуки претставуваат неспорен квалитет што мора да биде исползуван и којшто, бездруго, носи добар и посакуван резултат“, нагласи дополнителниот заменик министер Петровска.

Обраќање на оваа тема заедно со Петровска имаше и командирката на ова полициско одделение Мирсада Зеќири.

Зеќири изрази благодарност на целокупниот состав на полициското одделение и на раководството на МВР за поддршката и одличната соработка во работењето и ги охрабри колешките полициски службеници да го следат нејзиниот пример, да имаат верба во себе и своите квалитети.

„Улогата на жената е важна, жените кои работат во нашата полиција имаат неспорен квалитет и носат добри резултати“, истакна Зекири.

Петровска денеска ги посети и Граничниот премин Јажинце и Полициското одделение Јажинце, каде со полициските службеници од овие организациски единици разговараше за тековните активности, безбедносната состојба, како и престојните избори на 12 април.

извор: Makfax