Надвор е студено, останете дома и играјте си заедно
Како да го испланирате времето кое со своето дете ќе го поминувате дома бидејќи надвор е премногу студено? Иако имате “полна” опрема за студени денови (џемпери, капи, шалови, скафандер, чизми…) тоа нема многу да ви помогне ако вашето дете “позајмило” вирус од градинка или од комшичето, па не сте во можност да си правите “зимски експедиции” низ Градскиот парк. Што да се прави? Но, што е – тука е. Опуштете се, извлечете од ситуацијата максимум и искористете го студеното време, вирусот и се останато за да се дружите низ дома. Ви нудиме техники на играње како создадени за вас и вашето дете, а верувајте, овие идеи ќе ви пополнат барем неколку часови… 1. Куклен театар дома Направете папет кукли (тоа се оние кукли кои се ставаат на рака, а потоа веќе знаете – како да се живи!). Сигурно знаете дека такви кукли се прават од стари чорапи, поцврсти хартиени кеси и помошни реквизити какви што се разнобојни копчиња, тркалца од автомобилчиња, цевки за сок, кибритчиња, крпчиња, сунѓери, оревчиња, макарони и слично. Дозволете му на детето да биде креативен водач на вашиот тим… Кога ќе се опремите со
дребулии земете и лепило, селотејп, игла и конци. Потоа, на работа! Не заборавете дека вие сте Број 1 кога се во прашање ситните детали, но основната идеја препуштете му ја на детето. Кога куклите ќе бидат готови, направете и малечка сцена – од картон, стиропор, шарена хартија… И играње до бесвест! 2. На кампување во дневна соба Зошто не би направиле камп или куќичка? Расчистете ја дневната соба од подвижниот мебел. Кога ќе направите доволно место почнете со “градба” на куќичка или подигнете шатор. Што, вашето дете никогаш не било на кампирање? Еве ви можност! Набавете некаков чаршаф или ќебе, земете две столчиња кои ќе ви послужат како држач за шаторот, импровизирајте вреќа за спиење и набавете батериска ламба. Смислете заедничка лозинка за “чување” на кампот и слободно пејте заедно! 3. Погодувалка Играјте си погодување… Обидете се да имитирате некое животно или некој кој му е познат на детето, а тоа нека погодува. Потоа заменете си ги улогите… Можете да играте и “на буква, на буква…” па погодувајте ги предметите што ги има во вашиот стан. Е сега, понекогаш се случува на буква, на буква…”к”, да биде лустер, но имајте трпение за вашето најмило. Освен тоа… Сега доаѓа времето за подароци! Направете список на луѓе кои ви се драги вам и на вашето дете на кои сакате да им испратите честитка (по можност направете ја сами со детето!). Тука има место за баби и за дедовци, за другарчиња, роднини и пријатели… Заедно со детето испечете колачи. Кога ќе се изладат можете да му дозволите тоа самото да ги украсува. Или, можете да му дозволите да ги завиткува во шарена хартија – за да бидат како од продавница! Исто така, можете да се обидете од пластелин да направите рамки за слики! Идеи има безброј – важно е да се почне! А важно е затоа што ваквата активност ќе му помогне на вашето дете да се почувствува важно, оти прави нешто, работи, создава – и тоа не со кого било, туку со вас!